Линкови за пристапност

Уставните измени се решение за ЕУ, но САД ќе бидат разочарани ако има друго вето, вели Џес Бејли


Пет години отсега луѓето ќе увидат дека уставните измени се позитивен чекор за земјата, како што беше случај со Преспанскиот договор, изјави поранешниот амбасадор на САД
Пет години отсега луѓето ќе увидат дека уставните измени се позитивен чекор за земјата, како што беше случај со Преспанскиот договор, изјави поранешниот амбасадор на САД

Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија.

Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

„Европската Унија гласа, а ние не сме членка на ЕУ. Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Но, како што поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави Бејли.

Тој вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него.

Следната недела, на 17 јуни, се одбележуваат пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата го промени името во Северна Македонија, а следната година стана членка на НАТО.

„За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата. Сфаќам дека многу луѓе се противат и сочувствувам со фрустрацијата на луѓето поради тоа“, вели Бејли.

На прашањето дали Преспанскиот договор разочара во однос на европската перспектива, тој рече:

„Не мислам дека потфрли во однос на перспективата, бидејќи Преспа секако беше со Грција и нејзината блокада конкретно навистина повеќе за во НАТО. Таму почна. Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“.

Тој вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е прашањето за непризнавање на македонското малцинство, и покрај пресудите во Стразбур.

„Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа. Северна Македонија е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, и мислам дека уставниот амандман предложен во моментов само го зголемува тоа, така што ако Бугарија одлучи да не го прави тоа, добро, тоа е прашање и проблем на Бугарија“.

Бугарија, пак, вели дека не постои македонско малцинство на нејзина територија, а со посебна декларација во Европската Унија изјави дека не го признава македонскиот јазик.

А ако државата сега не ги почне преговорите, не е јасно колку долго дополнително ќе биде одложено пристапувањето во ЕУ, вели тој.

„Колку долго? Не знам. Навраќајќи се на договорот од Преспа, јас јасно им кажав на луѓето дека не мислев оти брзо ќе имаше подобар договор од Преспа ако тој беше одбиен, и затоа тоа е размислување што луѓето треба да го земат предвид, лидерите конкретно“.

Сепак, според него, реформите ќе бидат клучни за влез во ЕУ, а корупцијата нема да може да се реши со магична санкција од САД.

„Мислам дека во крајна линија она што ќе ја зајакне борбата против корупцијата во земјата се постапките на судството и институциите во Македонија во борбата против ова. Можеби американските санкции или можеби назначувањата можат да помогнат во тој поглед, но, на крајот на денот, граѓаните на земјата и институциите во земјата ќе треба да се борат против ова. И така, не е дека ќе има некоја магична санкција што доаѓа однадвор и одеднаш ќе ги реши проблемите. Тоа не може да обезбеди доверба во институциите. Институциите мора да ја заслужат“.

Но, Бејли вели дека гледа напредок од времето на владата на Никола Груевски.

„Мислам дека ако направите споредба кога пристигнав во Скопје во 2015 година, кога излегуваа таканаречените бомби, кога се појавуваа многу информации за владата на тогашниот премиер Никола Груевски, и кога гледате што се случуваше тогаш и потоа – имало судења од висок профил, имало некои сериозни истраги за корупција, видовте дека некои судски актери се судени за злоупотреба на системот. Значи, видовте одреден напредок. Дали е совршено? Апсолутно не. Има некои прашања додека зборуваме за Судскиот систем и така натаму. Значи, навистина треба да се има посветеност и да се покаже напредок во таа област, не само за Европската Унија, туку и за граѓаните на Северна Македонија. Тие никогаш нема да имаат доверба во нивниот систем ако постои перцепција за корупција на високо ниво што продолжува неказнето. Потребна е транспарентност и одговорност“, рече тој.

Во однос на постапката на Јавното обвинителство поврзана со договорот за изведба и надзор над изградбата на коридорите 8 и 10д во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело, Бејли рече:

„Ги немам сите детали за тоа. Знам дека ова е прашање отворено во јавноста и верувам пред Парламентот додека разгледува законски измени и други измени во врска со договорот. Знам дека Бехтел е многу реномирана американска компанија која работела низ целиот свет и има испорачано многу добри резултати на многу места. Се разбира, ова е прашање што треба да го разгледаат институциите. И тоа е сосема нормално. Мислам дека, исто така, е важно да се има на ум како функционираат овие поголеми договори и различните механизми што се користат. Мислам дека изградбата на коридорите 8 и 10 е многу важна за економската иднина на Македонија“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се причина за загриженост и можат да разгорат безбедносни проблеми, вели тој, но членството на Северна Македонија во НАТО „ја прави таа ситуација да не биде толку акутна како што можеше да биде инаку“.

„На крајот, кога ќе погледнам пет години наназад, Преспа ми изгледа како добар договор. Северна Македонија е во НАТО како што беше предвидено откако го реши проблемот, нејзините односи со Грција се значително подобри, вклучително и во важни области како што е енергијата, а сега Македонија е опкружена со соседи, кои се нејзини цврсти сојузници во безбедносната алијанса. Тоа е многу поинаква ситуација од онаа што ја имавте во 2018 година“.

Тој ги искоментира и изјавите на опозицијата дека Преспанскиот договор е реалност која не ѝ се допаѓа, и дека ако дојде на власт ќе работи на тоа да се промени.

„Тие сигурно би можеле да разговараат со нивниот партнер во договорот, Грција, доколку имаат некакви грижи или одредени работи да треба да се сменат и тоа би требало да се направи со заеднички договор. Не слушам никој меѓу најголемите политички партии да се противи на членството на Македонија во НАТО, и навистина, да се противи на воената соработка со Грција или соработката во други области. Затоа, мислам дека ги постигна своите цели. Ако има нешто за кое сакаат да разговараат со Грција тоа можат да го направат. Не знам што тоа би било и сигурно не знам каква би била реакцијата на Грција“, рече Бејли.

Facebook Forum

Поврзано

XS
SM
MD
LG