Линкови за пристапност

САД бараат ЕУ да ги почне преговорите и со Северна Македонија и Албанија, по најавите на Бугарија дека ќе го блокира само Скопје


И Албанија и Северна Македoнија донесоа тешки, суштински реформи, и двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ, изјавија за Гласот на Америка од Стејт департментот

Клучно е Европската Унија да се придржува до нејзините заложби, а тоа значи да ги отвори пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија, без одложување, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД поддржуваат одвојување на Албанија и Македонија на европскиот пат, по најавите на бугарската Влада оти е подготвена да даде зелено светло за Албанија, а не и за Македонија.

„И Албанија и Северна Макеоднија донесоа тешки, суштински реформи, и двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ“, рече портапролот на Стејт департментот.

Гласот на Америка праша и дали САД планираат да воведат санкции кон Бугарија доколу ја задржи истата позиција и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември во Брисел.

„Охрабруваме решение на ќорсокакот што е можно побрзо за да се поттикне напредок на потребните реформи и економски развој на регионот на Западен Балкан. САД остануваат одблизу ангажирани со нашите европски партнери во однос на ова прашање“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Оттаму додаваат дека „процесот на проширување на ЕУ промовира мир, стабилност, демократија и просперитет во регионот, и непотребни одложувања го обесхрабруваат целиот регион“.

Бугарската влада пред неколку дена, во изјава за бугарски медиуми, рече дека нема да го тргне ветото за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, но, оти е подготвена да даде зелено светло за Албанија.

Таа рече дека нема да отстапи од декларацијата на Бугарскиот парламент од 2019 година, со која, меѓудругото, се негира постоењето на македонскиот јазик.

Претставникот на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар, минатиов викенд отпатува во Скопје, каде повтори дека американската администрација сака што е можно побрзо да ја види Северна Македонија во процесот на преговори со Европската Унија.

„Сакам да ја изразам силната поддршка на оваа американска администрација за брза европска интеграција на Северна Македонијa, и ние соработуваме со нашите европски партнери за да осигураме тоа да се случи многу брзо. Сите се согласуваме дека Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски, и треба да имате столче на масата на ЕУ. Ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори за да се покаже флексибилност во процесот на европските интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност“, рече Ескобар во понеделникот по средбите со македонските официјални лица.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG