Бугарскиот амбасадор во Вашингтон Тихомир Стојчев се` уште не одговорил на писмото што 13 американски конгресмени му го испратија во ноември минатата година, а со кое ја повикаа Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
Една од потписничките на писмото, републиканската конгресменка од Њујорк Клаудија Тени, во интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека бугарскиот амбасадор со игнорирање на писмото покажал непочитување на Конгресот на САД.
„Не сме добиле директен одговор од амбасадорот, но слушнавме дека Бугарија нема да го почитува. Ќе продолжи да ги блокира Северна Македонија и Албанија во нивните обиди да ги почнат пристапните преговори со ЕУ. Ќе продолжиме да правиме напори таа да се повлече и да дозволи тоа да се случи. Сакаме да видиме нормализација во регионот“, изјави Тени, нагласувајќи дека би сакала да добие одговор од бугарскиот амбасадор, и доколку постои некаква загриженост од страна на Бугарија, да направи напори тоа да биде адресирано од членовите на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
„Тие опструираат од одредена причина, а навистина не знаеме зошто. Тврдат дека Македонците не се однесуваат на таканаречен соседски начин, има дестабилизација и навистина не ги знаеме причините зад тоа. Би сакале да видиме одговор и доколку имаат загриженост би сакала да имаме мултилатерален состанок со членовите на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, и потенцијално со нашите амбасадори или други претставници од тие држави, за да видиме дали ќе можеме да постигнеме подобри односи за конечно прифаќање на овие држави од ЕУ“, вели таа.
Минатиот октомври на сослушување во Комитетот за надворешни работи во Конгресот, Тени истакна дека постојат 16 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права во однос на нарушување на правото на собир на македонското малцинство во Бугарија.
„Тоа е причината и поради која го напишавме писмото. Не ни се допаѓа однесувањето на Бугарската влада во овој момент и мислиме дека треба да биде повикана на одговорност. Треба да осигураат дека сите малцинства се третираат со почит. Само за да бидат дел од НАТО и ЕУ тие мора да ги применуваат овие стандарди. Сакам да видам САД и админстрацијата да направат повеќе да ги заштитат и промовираат човековите права, конкретно во овој регион“, изјави Тени, која е копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница.
Таа додаде дека смета оти Бугарија „сигурно сака да го стави нејзиниот интерес над другите во регионот. Тоа е разбирливо бидејќи секогаш постои самоопределување“.
Според неа, загрижува фактот што Бугарија се обидува да се меша во правото на самопопределување на државата и можноста да влезе во ЕУ.
„Сакаме да осигураме дека се одвива дијалог и да дознаеме точно зошто продолжуваат на некој начин да вршат притисок врз овие држави кои навистина само се обидуваат да успеат на ист начин како што успеа и Бугарија“, вели таа.
А на прашањето дали САД треба да воведат санкции ако Бугарија продолжи да го одложува пристапниот процес на Северна Македонија, рече оти верува дека тие не се потребни во овој момент.
„Не сум сигурна дека санкциите засега се соодветни, но, можат да бидат. Тоа е нешто што може да биде многу ефективно, особено ако продолжат да блокираат, да проектираат негативност и да создават пречки Северна Македонија и Албанија да имаат заслужен пристап во ЕУ. Потенцијално може да го разгледаме како начин да ги спречиме да ја продолжат нивната опструкција“, вели Тени, и додаде дека секој што ќе ги исполни критериумите треба да биде дел од ЕУ.
„Колку попросперитетна секоја од овие држави е толку помалку ќе видиме притисок од Бугарија и агресија од делови кои не се економски напредни“, смета таа.
Таа, исто така, додаде дека одложувањето на пристапниот процес би можело да ја зголеми пропагандата од Кина и од Русија, истакнувајќи дека „тие ќе ги манипулраат играчите за нивна корист, а тоа може да биде штетно за Северна Македонија и другите држави во тој регион“.
Гласот на Америка на македонски побара реакција од бугарскиот амбасадор во Вашингтон веднаш откако конгресмените го испратија писмото, но, оттаму не одговорија. На повторно барање по речиси еден месец за разговор со амбасадорот за позицијата на Бугарија за пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија оттаму го изјавија ова, без да го спомнат писмото.
„Ставот на Република Бугарија за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со Република Северна Македонија е во согласност со Декларацијата на Националното собрание и е добро познат. На состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември, Бугарија го задржа одобрувањето на нацрт-преговарачката рамка и конечниот датум за првата Меѓувладина конференција со Република Северна Македонија, бидејќи барањата на националната рамковна позиција и Договорот за пријателство, добрососедството и соработката не се спроведени. Отворените прашања во билатералните односи со Република Северна Македонија се далеку од опсегот на историскиот спор меѓу две соседни земји. Ова е прашање кое длабоко влијае на самите основи на ЕУ и на вредностите и принципите за кои таа се залага, како што се човековите права и недискриминацијата. Бугарија ќе продолжи да ги поддржува историјата и културата и да бара почитување и јасни гаранции за правата на македонските Бугари“, стои во одговорот од Бугарската амбасада во Вашингтон испратен на 17. декември минатата година.