Линкови за пристапност

Нема датум за старт на преговори, ЕУ ќе се наврати на прашањето најдоцна до октомври


Државите членки на ЕУ не ја прифатија препораката на Европската Комисија да даде датум за старт на преговорите за членство на Македонија и Албанија. Според еврокомесарот Јоханес Хан мал број на земји биле против, а со одлуката се доведува во прашање колективниот кредибилитет на Унијата

ЛУКСЕМБУРГ - Македонија летово нема да го добие датумот за старт на преговори со Унијата. Ова е одлучено на денешниот состанок на Советот за општи работи на Унијата, кој го сочинуваат министрите за надворешни работи, кој заврши предмалку во Луксембург а на кој земјите членки на Унијата не успеаа да се договорат но и да ја испочитуваат препораката на Европската Комисија (ЕК) за старт на преговорите.

Во нацрт заклучокот стои дека земјите членки на ЕУ ќе се навратат најдоцна во октомври 2019 година на отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија и силно го поздравуваат договорот од Преспа.

„Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година“, е наведено во заклучокот.

Иако официјално, главна причина за одлагањето е „ограниченото време“ со кое располага германскиот парламент - “Бундестаг“, кој има обврска да ги одобрува одлуките поврзани за проширувањето, многумина сметаат дека станува збор за недостиг на политичка волја и несогласувања внатре во Унијата.

Нашата држава имала силна поддршка од источноевропските земји и од Виешградската група, но отпорот на западно европските држави, пред се Франција и Холандија бил клучен.

По завршувањето на состанокот, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференција кажа дека мал број на дрѓави членки биле против и порача дека колективниот кредибилитет на Унијата е во прашање.

„За жал, малцинство на земји-членки не беа во можност да го поддржат јасниот предлог на Европската Комисија да се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕК цврсто верува дека ЕУ треба да ги награди тие кои ги исполниле барањата поставени од самиот Совет минатата година, нашиот колективен кредибилитет е во прашање, во прашање еднакво се и нашето влијание и поттик“, изјави Хан и ја нагласи својата увереност дека во октомври нашата дрѓава и Албанија ќе добијат „зелено светло“.

Европската Комисија и романското претседателство истакнаа дека е важно што во параграфот за Северна Македонија во заклучоците е вметнат Преспанскиот договор.

-Важно е што го задржавме како што е, заклучоците се многу јасни и Преспанскиот договор многу се цени, земјите-членки ни влеаја оптимизам за позитивен исход врз основа на компромисот постигнат од страна на ова претседателство, изјави романскиот министер за надворешни работи Георг Чамба.

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во интервју за МИА ја оцени одлуката како срамна.

„За жал нема да има одлука за отворање пристапни преговори. Одлуката е да се вратиме на ова прашање на есен. Што е срамно. Требаше да донесеме одлука денеска за старт на преговори веднаш. Сѐ ни беше на располагање, нема причина, нема никаква пречка на патот. Единствената пречка е недостатокот на политичка волја. Некои земји се повикуваат на ограничено време, што е смешно. Македонија е кандидат четиринаесет години, Албанија пет. Мислам дека одлуката да не започнат преговорите веднаш е штетна од перспективата на ЕУ, на Балканот и посебно на централна Европа, затоа што ние сме соседен регион и знаеме колку е важно да продолжи процесот на проширување“, вели Сијарто.

Тој даде дека Владата во меѓувреме треба да продолжи во спроведувањето на проевропски и проатлантски политики.

Претседавачот на ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, кој утре ќе допатува во посета на Македонија смета дека државата стигнала подалеку отколку што можело да се претпостави пред неколку години и затоа евреме да се наградат напорите.

„ Сегашната влада заслужува пофалба. Постигнувањата во зајакнувањето на соседските односи се невидени во регионот – благодарение на Скопје, Софија и Атина. Ваквата состојба треба да се искористи за уште поголем напредок. Словачка верува дека време е да се наградат вашите напори и да се испрати позитивен сигнал до вашиот народ. Неисполнувањето на нашите ветувања ќе донесе сериозни последици.Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Земјата оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите со Унијата“, кажа Лајчак за МИА.

Министерката за надворешни работи на Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ, рече дека од одредени причини имало држави кои не се согласиле Северна Македонија и Албанија да почнат преговори овој јуни како штобило договорено на состаноците минатата година.

„Ние се договоривме дека тоа прашање ќе се разгледува повторно овој јуни. За жал не се направи голем напредок, дури и бројот на држави кои имаат одредени забелешки за тоа можно и да се зголеми. Ние секако се заложувавме тие преговори да се отворат со Албанија и со Северна Македонија”, рече Пејчиновиќ - Буриќ.

Според неа земјава имала голем напредок со решавањето на спорот за името со Грција, а Албанија со реформите во правосудството и затоа требало и да бидат наградени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG