Линкови за пристапност

Блинкен и Ковачевски долго разговараа за корупцијата, рече Ескобар


Нашата амбасада во Скопје има дневни контакти со владата и тие разговараат за многу работи, вклучително и за корупција и за владеење на правото, изјави во интервју за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан
Нашата амбасада во Скопје има дневни контакти со владата и тие разговараат за многу работи, вклучително и за корупција и за владеење на правото, изјави во интервју за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан

Целосно се усогласивме со премиерот Димитар Ковачевски околу посветеноста заеднички да работиме на прашањата за владеење на правото и корупцијата, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар кој, заедно со државниот секретар Ентони Блинкен, го пречекаа Ковачевски во Вашингтон на почетокот на оваа недела.

„Нашата намера беше да ја зајакнеме нашата поддршка за Северна Македонија. И Северна Македонија повторно ја повтори својата поддршка за трансатлантското единство и за нашите напори да обезбедиме не само европска, туку и регионална стабилност. Тоа беше важен дел од дискусијата. Разговаравме и за потенцијалот на Северна Македонија да учествува во диверзификацијата на изворите на енергија во регионот“, рече Ескобар.

Тој, во интервјуто, освен за посетата на македонската делегација и резултатите од неа, зборува и за борбата против дезинформациите, уставните измени и за сомнежите за можна корупција поврзани со надзорот на изградбата на автопатите.

Глас на Америка: САД и Северна Македонија неделава потпишаа меморандум за соработка во борбата против дезинформациите. Може ли да споделите повеќе детали за ова ново партнерство и за тоа како ќе соработуваат двете држави?

Ескобар: Мислам дека меморандумот беше силен показател оти сите ние признаваме дека дезинформациите се закана за нашата демократија. Се согласивме да размениме најдобри практики за да разгледаме начини како да се спротивставиме, и што е најважно, да осигураме дека луѓето знаат оти можеме да ги идентификуваме. Ќе го оставам ова прашање на моите колеги кои се занимаваат со него, но ќе речам дека меѓу нив е и руското малигно влијание во медиумите. Тоа ќе биде дел од ова.

Глас на Америка: Има ли зголемен ризик од ширење дезинформации сега кога од државата се очекува да направи уставни измени како услов да ги почне пристапните преговори со ЕУ?

Ескобар: Да. Има многу малигни актери кои сакаат да го дестабилизираат регионот и да ги дестабилизираат земјите кои се обидуваат да застанат на патот кон евроатлантските интеграции. Мислам дека тоа е предизвик секогаш.

Глас на Америка: Опозицијата се противи на уставните измени. Ако тие не се направат и се одложат пристапните преговори, за што најмногу би биле загрижени САД?

Ескобар: Нашата најголема грижа е дека ќе изгубиме време. И, знаете, ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија.

Глас на Америка: Зборувавте ли со опозицијата за ова?

Ескобар: Да.

Глас на Америка: Каков одговор добивте?

Ескобар: Не би сакал да ја коментирам суштината на нашите дипломатски разговори. Јас би рекол дека опозицијата има некои свои мислења за тоа. Но, она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната Меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Северна Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее.

Глас на Америка: Проектот за изградба на автопатите што ќе ги гради американско-турски конзорциум покрена сомнежи за можна корупција поврзани со конзорциумот што треба да врши надзор на изградбата. Една од овие компании наводно е специјализирана за производство на долна облека. Кој е вашиот коментар?

Ескобар: Имаме дијалог со владата за конкретни наводи и конкретна поддршка што можеме да ја дадеме. Можам да ви кажам дека од Вашингтон, нашата најголема грижа е дека корупцијата е еден од најголемите предизвици за целиот регион, не само за Северна Македонија. Секретарот Блинкен и премиерот Ковачевски долго разговараа за тоа за време на нивниот состанок, за начините на кои можеме да работиме заедно за намалување на корупцијата во регионот.

Глас на Америка: Дали на тој состанок конкретно разговаравте за сомнежите поврзани со проектот за автопатите?

Ескобар: Не, тоа беше општа дискусија за стратешкото партнерство за борбата против корупцијата во регионот.

Глас на Америка: Дали Стејт департментот или американската влада во каков било друг капацитет ги адресираа овие сомнежи за можна корупција со владата на Северна Македонија и/или со американската компанија што ќе ги гради автопатите?

Ескобар: Ние од Стејт департментот не, но ќе ви кажам дека нашата амбасада во Скопје има дневни контакти со владата и тие разговараат за многу работи, вклучително и за корупција и за владеење на правото.

Глас на Америка: Дали и за проектот за автопатите?

Ескобар: Нема да коментирам за тој конкретен проект. Ќе коментирам генерално. Имаме силен интерес да се погрижиме Северна Македонија и останатите земји од регионот да го направат својот дел за намалување на корупцијата и спроведување на владеењето на правото. Сè што можам да кажам е дека имаме добро партнерство со Северна Македонија. Тие прават реформи за корупција и ние мораме да продолжиме да ја продлабочуваме таа соработка.

Глас на Америка: Амбасадорката на САД Анџела Прајс Агелер, неодамна, во писмо до Владата до кое дојде ТВ АлсатМ, изрази загриженост и разочараност од работата на судовите и укинувањето на предмети за висока корупција, и покрај американска помош од над половина милијарда евра во судскиот сектор досега? Ќе се преиспитаат ли САД во иднина пред да одлучат да инвестираат во реформските напори?

Ескобар: Можам да кажам дека реформите сами по себе што ги прави Северна Македонија се тие што ја создаваат инвестициската клима. Инвеститорите, индивидуално, проценуваат дали тоа е добар ризик или не. Не треба Американците да бидат вмешани. Компаниите добро знаат во што се впуштаат. Без реформи во владеењето на правото и без борба против корупцијата, самите компании ќе си носат одлуки.

Глас на Америка: Дали судии и обвинители би можеле да бидат ставени на списокот за санкции во иднина?

Ескобар: Ние не коментираме конкретно за поединечни санкции. Сè што можам да кажам е дека ние сме посветени да ги користиме сите наши алатки, вклучително и санкциите, за борба против корупцијата, каде и да ја откриеме.

Глас на Америка: А се финализираат ли можни назначувања откако неодамна тимот за санкции од Вашингтон и глобалниот координатор за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју го посетија Скопје?

Ескобар: Не можам навистина да коментирам за поединечни случаи, но можам да кажам дека САД се посветени на користење на сите свои алатки да се борат против корупцијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG