Линкови за пристапност

Северна Македонија е подготвена да направи уставни промени, но политиката е тешка, рече Шоле


Сенаторот Крис Марфи на распит за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот праша зошто е навистина важно Северна Македонија да ги реши разликите со Бугарија за да може да влезе во Европската унија
Сенаторот Крис Марфи на распит за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот праша зошто е навистина важно Северна Македонија да ги реши разликите со Бугарија за да може да влезе во Европската унија

Треба да ја поддржиме Северна Македонија да направи уставни промени кои би изгледале минорни, но се политички доста тешки, рече советникот на Стејт департментот Дерек Шоле на распит за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот.

Шоле го кажа ова одговарајќи му на демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи, кој праша: Кажете ми малку за тоа кои се опипливите придобивки што би ги добила Северна Македонија со влезот во ЕУ? Зошто е навистина важно за нив некако да ги решат нивните разлики со Бугарија за да можат да влезат во Европската унија?

„Тие треба да донесат некои тешки одлуки во однос на уставните промени кои од нив се бара да ги направат. Тие се подготвени да ги направат тие промени, но политиката е тешка. И тоа што треба да слушнат од сите нас е нашата поддршка да ги направат овие промени кои би изгледале минорни, но се политички доста тешки, а тоа ќе помогне да се отклучи следната фаза од нивниот процес за пристапување во ЕУ“, одговори Шоле.

Тој додаде дека Северна Македонија е одличен партнер, НАТО сојузник и регионален лидер.

„Цврсто ја поддржуваме натамошна целосна европска интеграција на Северна Македонија и Албанија. Повторно, тие се одлични НАТО сојузници. Минатиот јули го отворија нивниот пристапен процес со ЕУ што силно го поддржуваме“, изјави Шоле на почетокот на сослушувањето.

За поддршката на САД за интеграцијата на регионот во ЕУ зборуваше и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој рече дека Северна Македонија и Албанија се цврсти НАТО сојузници и корисни партнери во нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

„За да ги продолжи своите аспирации кон ЕУ, Северна Македонија е посветена да донесе уставни промени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор“, рече Ескобар.

И Шоле и Ескобар зборуваа за корупцијата во регионот и за санкциите како една од алатките што САД ја користат за справување со неа.

„Постојано гледаме цели и работиме со нашите сојузници и партнери, и ги координираме нашите напори за санкции. Значи, ова е нешто што сметаме дека е важна алатка. Но, тоа не е единствената алатка што ја имаме за борба против корупцијата“, рече Шоле, кој нагласи дека канцеларијата на координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју размислува за проекти за борба против корупцијата во регионот.

„Но, санкциите ќе бидат важна алатка“, додаде тој.

На распитот се зборуваше и за Отворен Балкан, односите меѓу Србија и Косово, справувањето со влијанието од Кина и од Русија, дезинформациите и потребата од диверзификација на енергетскиот пазар.

„Се согласуваме дека енергетската диверзификација а, исто така, и трансформацијата од фосилни горива во обновливи извори, е клучен приоритет за оваа администрација. Видовме многу инвестиции во енергетиката, особено во Албанија и во другите делови. Ние веруваме дека земјите склучуваат договори кои ќе помогнат да се диверзифицираат нивните енергетски извори далеку од Русија, и ние го поддржуваме тоа. Ќе ја поздравиме дополнителната поддршка од американската влада за сите тие напори“, рече Ескобар.

Минатата недела, во интервју за Гласот на Америка, Ескобар рече дека има многу малигни актери кои сакаат да го дестабилизираат регионот и да ги дестабилизираат земјите кои се обидуваат да застанат на патот кон евроатлантските интеграции.

Тој рече дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Северна Македонија.

„Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее“.

Ескобар тогаш рече дека од опозицијата не се бара да го поддржи премиерот, туку евроатлантскиот пат на Северна Македонија.

„Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија“.

XS
SM
MD
LG