Линкови за пристапност

Извршната наредба на Бајден не спречува дебата меѓу граѓаните, рече Стејт департментот


Одлуките за додавање нови имиња на црна листа се предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи, изјави портпаролот Нед Прајс

Целта на извршната наредба на претседателот на САД Џо Бјаден не е да спречи силна дебата меѓу граѓаните, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, одговарајќи на прашањето дали санкциите ќе се однесуваат и на приватни граѓани кои јавно се противат на Преспанскиот договор на социјалните медиуми.

„Намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење. САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан“, изјави Прајс.

Тој рече дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи“.

Прајс нагласи дека „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот. Воспоставува авторитети што САД ги користат за унапредување на нивните стратешки интереси во регионот“.

Тој, исто така, рече дека извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности.

Прајс минатата недела, пак, изјави дека „САД се посветени да ги промовираат демократијата, транспарентноста, одговорноста и демократското владеење низ Западен Балкан, во согласност со стандардите што државите мора да ги постигнат за да ја исполнат нивната цел за напредок на европскиот пат“.

Претседателот Џо Бајден донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.

Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

Администрацијата на претседателот Бајден, на почетокот на јуни, официјално ја прогласи борбата против корупцијата клучна за националната безбедност на САД.

Државниот секретар Ентони Блинкен рече дека новата извршна наредба за Западен Балкан е надополнување на извршните наредби на претходните претседатели.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG