Линкови за пристапност

Катастрофа е ако дозволиме Бугарија да застане на патот на Северна Македонија кон Европа, рече сенаторот Марфи


Катастрофа е ако не можеме да обезбедиме напредок и дозволиме Бугарија да застане на патот на Северна Македонија кон Европа, рече демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи на сослушување за Западен Балкан во Сенатската комисија за надворешни работи.

Тој побара САД да одиграат активна улога во процесот на преговорите меѓу двете држави, како и да им стават јасно до знаење на Бугарите дека е во нивен интерес, како балканска држава, да осигураат дека има пат кон Европската Унија.

„За мене е катастрофа ако не можеме да покажеме напредок кон Европа. И зошто би дозволиле една држава да застане на патот?“, рече сенаторот Марфи кога го праша специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар, што САД би можеле да направат повеќе за да се тргне бугарското вето, како и дали се надеваат оти разговорите меѓу двете нови влади ќе дадат резултати.

„И Бугарија и Северна Македонија се наши ценети сојузници во НАТО. Отсекогаш била наша надеж дека тие можат да ги решат нивните разлики преку конструктивен дијалог и преговори во добра волја. И двете нови влади ни дадоа гаранции дека тоа се случува, и затоа ние го поддржуваме тоа и се надеваме дека може да дојде до заклучок во разумен период“, одговори Ескобар.

Ескобар, претходно, нагласи дека „Северна Македонија и Албанија направија значајни реформи и жртви и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување“.

Тој рече и дека САД се обидуваат да осигураат балканските држави да останат стабилни и заштитени од какво било малигно влијание од Русија и од Кина.

„Она што Русија се обидува да го постигне, навистина е да создаде ранливост во евроатлантскиот простор. Тие најдоа партнери во одредени земји кои се подготвени да помогнат во унапредувањето на тие цели за да не` оддалечат од други прашања“, рече меѓудругото Ескобар.

А на прашањето од сенаторката Џин Шахин како балканските држави, меѓу кои и оние што не се дел од НАТО, гледаат на руско-украинската криза, Ескобар рече „секоја држава во регионот изрази желба да види мирно дипломатско решение на кризата“.

Тој додаде дека администрацијата на Бајден останува посветена на Западен Балкан и продолжува да ги продлабочува партнерствата во регионот.

„Нашиот долгогодишен дипломатски ангажман ја поддржува целосната интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури. Посилен Балкан, интегриран во силна Европа, значи посилна трансатлантска заедница“, истакна тој.

На сослушувањето, на кое се зборуваше и за политичката ситуација во останатите балкански држави, сведочеше и Лиза Магно од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), која рече дека УСАИД помага во справувањето со корупцијата во Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG