Една од целите на стратешкиот дијалог е да помогне да се порази корупцијата во Северна Македонија, рече за Гласот на Америка на македонски јазик специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар.
„Нашата цел во овој дијалог беше да бараме алатки што ќе можеме да ги користиме заедно да ја поразиме корупцијата, не само во Северна Македонија, туку и во регионот и во Европа“.
Ескобар рече дека со македонските партнери за време на вчерашниот стратешки дијалог во Вашингтон зборувале и за политички и воени прашања, култура, образование и други теми од заеднички интерес на двете држави.
Тој, меѓудругото, зборуваше и за спорот со Бугарија, потенцирајќи дека следни за влез во ЕУ треба да бидат Северна Македонија и Албанија.
Глас на Америка: Договоривте ли конкретна иницијтива за соработка во текот на овие првични разговори?
Ескобар: Апсолутно. Значи, целата идеја на овој стратешки дијалог е Северна Македонија и САД споделуваат уникатен однос што е граден не само врз основа на заеднички интереси, туку и на заеднички вредности. Во текот на последните неколку години, решивме дека треба да се здружиме во овој формат за да најдеме начини за продлабочување на стратешките односи низ целиот опсег на билатерални односи. Тоа вклучува политички, воени, економски, култура, образование и речиси сè друго што можеме да замислиме. Така, како најнова членка на НАТО, Северна Македонија веќе има многу придонесено. Затоа, бараме начини на кои можеме да работиме заедно за да помогнеме во решавањето на некои од прашањата на Балканот, некои од билатералните прашања и некои од глобалните прашања за тоа како можеме да работиме заедно.
Глас на Америка: Беше ли прашањето за корупција дел од дијалогот, и дали директно им ја пренесовте на македонските функцинери вашата загриженост за овој проблем?
Ескобар: Генерално разговаравме за сите пречки за придвижување на односот напред. И морам да кажам дека прашањето за владеење на правото е прашање со кое се занимаваме речиси во сите билатерални односи што ги имаме. Така, нашата цел во овој дијалог беше да бараме алатки со кои можеме заедно да ја поразиме корупцијата, не само во Северна Македонија, туку и во регионот и во Европа.
Глас на Америка: САД минатата година го зголемија грантот за Северна Македонија од осум на 56,6 милиони долари, во најголема мера за борба против корупцијата. Сепак, високата корупција и натаму е присутна. Ќе бараат ли САД одговорност за тоа како се трошат овие пари? Се размислува ли за санкции слични како оние за Мијалков и Груевски?
Ескобар: Сакам да кажам дека имаме одлична соработка со Владата на Северна Македонија. Ние сме целосно усогласени околу тоа што треба да се случи за да напредува Северна Македонија. И би сакал да кажам дека прашањето за корупцијата, прашањето за нашата помош, се само мал дел од работите за кои зборуваме денес. Зборуваме за навистина неверојатни работи. Северна Македонија како многу силен партнер што придонесува за НАТО, Северна Македонија се подготвува да ја преземе одговорноста да го води ОБСЕ за време на конфликт. Значи, има многу позитивни елементи во дискусијата денес.
Глас на Америка: Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Радев и Петков да разговараат за симнување на ветото за Северна Македонија. Верувате ли дека Макрон може да ги убеди во тоа?
Ескобар: Секако се надевам дека Европската Унија го препознава стратешкиот момент во кој се наоѓаме. Северна Македонија ги направи сите реформи потребни за да започне меѓувладина конференција. Значи, не е само дека Северна Македонија треба да биде во Европската Унија, туку Северна Македонија ни е потребна во Европската Унија. Ни треба целиот Западен Балкан во ЕУ. Идејата што ја започнавме во 1989 година за создавање на Европа како цела, слободна и мирна, сè уште не е комплетирана и сè уште треба да продолжиме да работиме на тоа. Ние силно го поддржуваме движењето на Северна Македонија кон членство во ЕУ. И се надеваме дека Северна Македонија и Бугарија, кои се добри сојузници и ценети членки на НАТО, ќе можат да најдат начин да го решат ова преку компромис, дијалог и добра волја за преговори.
Глас на Америка: Ќе организираат ли САД слична средба како Макрон за да извршат притисок за решавање на спорот пред самитот на ЕУ на крајот на месецот?
Ескобар: Ситуацијата во моментов е за пристапување во ЕУ. Тоа е во рацете на француското претседателство. Силно поддржавме, силно препознаваме дека секоја земја што влегла во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна. Тоа го сакаме за Северна Македонија. И тоа го сакаме и за остатокот од Западен Балкан.
Глас на Америка: Сметате ли дека санкции против Бугарија се разумни во овој момент, со оглед на безбедносните ризици во регионот?
Ескобар: Како што реков претходно, Северна Македонија и Бугарија се ценети членки на НАТО. Мислиме дека ова може да се реши преку преговори во добра волја, дијалог и билатерални дискусии.
Глас на Америка: Како го коментирате ставот кај дел од јавноста дека Отворен Балкан може да биде замена за ЕУ?
Ескобар: Нема замена за членството во ЕУ. Затоа треба да се фокусираме на тоа. ЕУ е една нашите најсилни партнери во светот. И Северна Македонија е важен партнер. Оттука, сакаме да ги видиме двете споени. Во однос на Отворен Балкан и Берлинскиот процес, заеднички регионален пазар и ЦЕФТА, и сите други иницијативи кои го зближуваат регионот, ние ги поддржуваме. Сметаме дека регионот има огромен економски потенцијал. Западен Балкан е најбрзо растечки дел од Европа. Има потенцијал да бидат регионален лидер за обновливи извори на енергија, за транспорт и за речиси сè друго што доаѓа од регионот може да биде лидер. Така што сè што ги зближува ние силно го поддржуваме.
Глас на Америка: Поради руската инвазија, постои дискусија за брза ЕУ интеграција на Украина, пред Западен Балкан, конкретно Северна Македонија и Албанија. Кое е вашето мислење за ова?
Ескобар: Мојот коментар е дека како специјален претставник за Западен Балкан, јас сум фокусиран на Западен Балкан и мислам дека Северна Македонија, заедно со Албанија, треба да бидат следните кои ќе го започнат процесот на меѓувладини конференции. Имаме многу блиска соработка со ЕУ кога станува збор за Украина, но, за жал, тоа не е моја област на одговорност. Мојата област на одговорност е да ѝ помогнам на Северна Македонија да ги постигне своите аспирации. И само сакам да завршам со еден коментар. Мислам дека успехот на денешната посета, каде што имате четворица министри од целиот политички спектар кои доаѓаат во САД да бараме начини како можеме да соработуваме. Сакаме да ѝ се заблагодариме на Северна Македонија за тоа партнерство. И сакаме да им се заблагодариме на граѓаните на Северна Македонија за нивното пријателство.