Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров вели дека е помината линијата кога партизацијата веќе го прави системот нефункционален, и оти не може да се зборува за проевропска коалиција и проевропски блок, додека се шири корупција и партизација во секоја пора на општеството.
Тој, за Гласот на Америка, вели дека често постои илузија оти европскиот процес ќе го реши тој проблем.
„Тој може многу да помогне, но мора сами да си ја завршиме таа работа. Може ли малку колачот на партиите да го намлиме за да има колач и за народот? Јас не мислам дека тоа е битка што ќе ни ја заврши некој друг “, вели Димитров.
Тој рече дека Шарената револуција покажала дека кога граѓаните ќе викнат работите се поместуваат и политиката се плаши.
„Мора да најдеме начин апатијата да ја замениме со битка и активност и да ги туркаме партиите да не се мешаат кој е учител во средно школо и да не може директор на болница да биде партиска испостава. Компасот е загубен и мора да се враќаме со големи чекори назад“, вели Димитров.
Според него, санкциите од САД за борба против корупцијата можат да помогнат, но оти нема одговорност без правда.
„Санкциите можат да помогнат во смисла на тоа да дадат сигнал и можат да соголат нели некој локален моќник во очите на граѓаните, ама одгворност не може да има ако нема правда кај нас“.
Тој вели дека прогресот на патот кон ЕУ треба да се мери врз база на тоа како државите владеат дома.
„Дали се борите против корупција или не, дали злоупотребувате позиција или не. Од една страна само формата, од друга страна индивидуалните вета што го злоупотребуваат процесот во антиевропски цели, како што е ова со негирањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, што е апсолутно антиевропска политика“, рече Димитров.
Според него, додека ЕУ да излезе со процес што ќе се врати на суштината, а тоа е европеизација и членство на крајот, треба да се олади приказната со Бугарија.
„Во моментов не се знае дали ЕУ е спремна да прими нови членки дури и да се целосно подготвени. Ни треба поголема искреност и чесност, што од друга страна ни прави одговорност да бидеме искрени со македонските граѓани и да не зборуваме во флоскули. НАТО и ЕУ помагаат, ама не ако не се бориме дома. Помалку паника, повеќе чесно работење дома“, рече Димитров.
Тој неделава учествуваше на економскиот форум Делфи во Вашингтон, заедно со специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој рече дека корупцијата е главен проблем во регионот и оти санкциите имаат ефект.
„Повеќе од било што во регионот, повеќе од каква било етничка тензија, корупцијата е основен проблем во многу од државите. Одговор на тоа е процесот на пристапување. Поглавјата 23 и 24 за владеење на правото, транспарентност во судските постапки, отстранувањето на политичкото мешање во полицијата и во судот, ова е навистина важно. Но, во меѓувреме, мора да бидеме многу јасни за тоа кој го предизвикува ова и треба да наметнеме последици“, рече Ескобар.
Тој истакна дека САД воведуваат голем број санкции за корумпирани актери и ја охрабри и Европа да го направи истото.
„Луѓето реагираат на нив и тие се многу ефективни“, рече Ескобар.
Facebook Forum