Линкови за пристапност

САД ќе ставаат на црна листа и лица во Грција што работат против Договорот од Преспа, рече Стејт департментот


Извршната наредба на Бајден дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, се вели во изјавата на портпаролот

Оние што работат против Договорот од Преспа и во држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција, би можеле да се најдат на црна листа на САД, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и кон лица од други држави, конкретно од Грција, која е потписник на Преспанскиот договор, поради што и подлежи на одредени обврски за негова имплементација.

„Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање“, изјави портпарол на Стејт департментот.

Тој на почетокот на неделава, во одговор за Гласот на Америка, исто така, рече дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи“.

На прашањето дали извршната наредба на Бајден опфаќа и граѓани кои јавно се спротивставуваат на Договорот од Преспа на социјалните медиуми, портпаролот тогаш одговори:

„Намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење. САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан“.

Тој нагласи дека „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот“.

„Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности“, рече портпаролот.

Тој додаде дека САД се посветени да ги промовираат демократијата, транспарентноста, одговорноста и демократското владеење низ Западен Балкан, во согласност со стандардите што државите мора да ги постигнат за да ја исполнат нивната цел за напредок на европскиот пат.

Претседателот Џо Бајден, на почетокот на месецов, донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.

Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

По извршната наредба на Бајден, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во писмено соопштение, рече дека не учествувала во преговори и носење на Преспанскиот договор во Парламентот, велејќи дека тој е спротивен на македонските национални интереси.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG