Линкови за пристапност

Украина ќе го претстави мировниот план на разговорите со САД


Официјални претставници на САД и Украина, на чело со државниот секретар Марко Рубио и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, одржуваат разговори на саудиски претставници во Џеда, Саудиска Арабија, 11 март 2025 година
Официјални претставници на САД и Украина, на чело со државниот секретар Марко Рубио и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, одржуваат разговори на саудиски претставници во Џеда, Саудиска Арабија, 11 март 2025 година

Американските и украинските власти денес во Саудиска Арабија започнаа разговори, на кои украинската страна се очекува да претстави делумен план за прекин на огнот со Русија.

Украинскиот план вклучува запирање на нападите со ракети со долг дострел и примирје што го покрива Црното Море.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не учествуваше на состаноците во вторникот, а Украина беше претставена од началникот на неговиот Генералштаб Андриј Јермак, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, министерот за одбрана Рустем Умеров и воениот командант Павло Палиса.

Јермак им рече на новинарите непосредно пред почетокот на состанокот денес дека Украина е подготвена „да направи се` за да постигне мир“.

На прашањето дали Украина бара безбедносни гаранции, Јермак рече „да“ и дека Украина сака да се погрижи Русија никогаш да не ја повтори својата агресија.

Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц ја предводеа делегацијата на САД, во време на напори на претседателот Доналд Трамп да посредува за брз крај на војната што започна на почетокот на 2022 година со целосната инвазија на Русија на Украина.

Рубио вчера рече дека САД се надеваат оти ќе ја решат паузата во помошта за Украина.

Тој рече дека САД сакаат да слушнат и имаат за цел да разберат какви отстапки би можела да направи Украина.

„Украинците веќе ги добиваат сите одбранбени разузнавачки информации додека зборуваме. Мислам дека целата идеја за пауза во помошта е нешто што се надевам дека ќе го решиме. Очигледно, мислам дека она што ќе се случи утре ќе биде клучно за тоа“, им рече Рубио на новинарите пред да слета во Џеда.

„Нема да седиме во соба и да цртаме граници на мапата, туку само да сфатиме кои се отстапките во доменот на можното за нив [Украинците]“, рече Рубио, додавајќи дека нема воено решение за војната и дека и Русија и Украина треба „да направат тешки работи“.

Подоцна вчера, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман се состана со Рубио во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море.

Салман претходно истиот ден имаше одделен состанок со Зеленски во Ријад.

Трамп изрази интерес продолжувањето на воената помош да биде условено со пристапот до суровините на Украина.

Повеќе од четириесетина минерали, вклучително и неколку видови ретки минерали, никел и литиум, се сметаат за клучни за американската економија и националната одбрана.

Украина има големи наоѓалишта на ураниум, литиум и титаниум.

Но, Рубио појасни дека обезбедувањето договор за минералните ресурси на Украина не бил примарен фокус на разговорите денес.

„Има уште повеќе детали да се разрешат, и во овој момент, веројатно - наместо меморандум за разбирање - само сакаме да потпишеме конкретен договор. И за тоа ќе биде потребно малку повеќе време“, им рече тој на новинарите.

„Не би прејудицирам утре со тоа дали имаме или не договор за минерали. ... Тоа е важна тема, но не е главната тема на агендата“, додаде Рубио.

Рубио, исто така, ги пофали Британија и Франција за конструктивната улога во разговорите со Украина.

Тој изјави за Гласот на Америка дека нема дискусии за тоа дека Кина игра улога во повоениот мир и реконструкција во Украина.

Ова е втора посета на Рубио на Саудиска Арабија од преземањето на функцијата.

Тој и други високи американски претставници одржаа разговори со руски официјални претставници во Ријад на 18 февруари.

Тој треба да отпатува во Канада в среда на состаноци со министрите за надворешни работи на Г7.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG