Претседателот Доналд Трамп продолжи да го притиска Киев да потпише договор за минерали во четвртокот и изрази уверување дека Москва, исто така, е подготвена да направи договор за ставање крај на војната што започна кога Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Трамп испрати порака до членките на НАТО: „Ако не платат, нема да ги бранам“.
Тој ја изложи својата визија за тоа како ќе го посредува мирот меѓу соседните земји.
„Мислам дека она што ќе се случи е дека Украина сака да направи договор, бидејќи мислам дека тие немаат избор“, рече тој.
„Исто така, мислам дека Русија сака да направи договор, бидејќи на одреден, поинаков начин, на поинаков начин што само јас го знам, само јас го знам, ниту тие немаат избор“.
И тој рече дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Саудиска Арабија „веројатно во текот на следниот месец и половина“.
Претходно истиот ден, специјалниот пратеник на Трамп за Блиски Исток рече дека ќе отпатува во Саудиска Арабија за да се сретне со украинските претставници за разговори за прекин на огнот за да се запре руската инвазија.
„Сега сме во дискусии за координирање на состанок со Украинците во Ријад, па дури и потенцијално Џеда“, рече Стив Виткоф.
Виткоф рече дека Трамп чувствува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски се поправил по конфронтацијата меѓу двајцата лидери во Белата куќа минатиот петок.
„Тој сметаше дека писмото на Зеленски [во кое се нарекува конфронтацијата „за покајување“] беше многу позитивен прв чекор. Имаше извинување. Имаше признание дека САД направија толку многу за државата Украина и чувство на благодарност“, рече Виткоф.
Зеленски, во меѓувреме, беше во Брисел со европските лидери на итни разговори.
„Ќе се вооружиме побрзо, попаметно и поефикасно од Русија“, изјави полскиот премиер Доналд Туск, кој претседава со ЕУ.
Претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, го објави планот за олабавување на буџетските правила за да можат земјите што сакаат да трошат многу повеќе за одбраната, заедно со обврските да ги охрабрат сите 27 земји-членки да инвестираат околу 863 милијарди долари во одбраната во следните четири години.
„Многу сме благодарни што не сме сами и тоа не се само зборови“, рече Зеленски.
„Го чувствуваме тоа. Многу е важно“.
Францускиот претседател Емануел Макрон пред разговорите рече дека членките на ЕУ „ќе преземат решителни чекори напред“, истовремено изразувајќи загриженост за промените во поддршката на САД за Украина под новата администрација на Трамп.
„Иднината на Европа не мора да се решава во Вашингтон или Москва“, рече Макрон.
Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Ретклиф, во средата изјави дека САД во моментов го стопирале споделувањето на своите разузнавачки информации со Киев, иако тоа би можело да биде краткотрајно, откако Зеленски изјави дека Украина е подготвена за мировни преговори со Русија.
Трамп претходно оваа недела им нареди на САД да ја прекинат воената помош за борците на Киев, по неговиот минатонеделен состанок со Зеленски.
Од почетокот на војната во 2022 година, САД ѝ дадоа на Украина значајни разузнавачки информации, вклучително и критични информации што ѝ се потребни на нејзината војска за таргетирање на руските сили.
Постигнувањето мировен договор може да се покаже тешко.
Украина долго време бараше обновување на нејзините меѓународно признати граници од 2014 година пред Москва еднострано да го заземе украинскиот полуостров Крим.
Севкупно, Русија сега држи околу една петтина од украинската територија, вклучително и голем дел од источна Украина, и вети дека нема да врати ништо од неа на владата во Киев.
Некои информации во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс