Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон може да го посетат Вашингтон со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела.
Ова го потврди портпаролката на француската влада Софи Примас.
„Се смета дека претседателот Макрон може повторно да отпатува во Вашингтон со претседателот Зеленски и неговиот англиски колега“, им рече Примас на новинарите по состанокот на владата денес.
Претходно, британското издание на „Дејли мејл“ објави за веројатната посета на тројцата лидери на САД, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Целта на ваквата посета, според изданието, треба да биде да се претстави консолидирана позиција за постигнување мир во војната во Украина.
Претходно денес, портпаролката на француската влада Софи Примас во интервју за ТВ LCI рече дека Франција работи на обновување на односите меѓу САД и Украина за „траен“ мир.
„Предложивме примирје. Ова е нешто што во моментов се проучува во преговорите со САД. Франција и Европа се обидуваат да ја обноват комуникацијата меѓу САД и Украина“, рече портпаролката.
Макрон, Стармер и Зеленски ја посетија Белата куќа во различни денови минатата недела во обид да го убедат Доналд Трамп да продолжи со американското учество во европската безбедност и поддршката за Украина.
Сепак, по спорот во Белата куќа во присуство на медиумите, помеѓу американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс од една страна и претседателот Зеленски од друга страна, САД и Украина не потпишаа однапред подготвен договор за ретки минерали, а администрацијата на Трамп ја суспендираше сета воена помош за Украина.
Извештаите за напорите на европските лидери да ги обноват односите меѓу САД и Украина дојдоа во време на изјавите на Володимир Зеленски на 4 март за подготвеноста на Украина „да седне на преговарачка маса што е можно поскоро“ и да работи кон мир „под силно лидерство на претседателот Трамп“.
Зеленски, исто така, изрази подготвеност да потпише договор за ретки минерали што е можно поскоро.
Според украинскиот лидер, постигнувањето мир може да започне со ослободување на затворениците и „итно примирје на небо“.
По спорот во Овалната канцеларија, претседателот Макрон рече дека Франција и Британија предлагаат да се воведе делумно едномесечно примирје меѓу Русија и Украина во воздух, море и енергетска инфраструктура.
Сепак, британските власти се оградија од оваа идеја, велејќи дека не е постигнат договор за тоа.
Пораката на Зеленски за подготвеност да работи со САД се појави набргу по телефонскиот разговор со британскиот премиер, во кој Стармер го убеди Зеленски да ги обнови односите со САД.
Стармер ја поздрави изјавата на Зеленски, истакнувајќи ја вечерта на 4 март „непоколебливата посветеност на мир“ на украинскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во своето обраќање пред Конгресот на 4 март, истакна дека ја примил пораката на Зеленски, но неговата администрација веднаш не објави дека продолжува со испораката на американско оружје за Украина.
Според „Њујорк тајмс“, САД се обврзале да ѝ дадат на Украина оружје и опрема во вкупна вредност од околу 11 милијарди долари во 2025 година.
Според „Дејли мејл“, повикувајќи се на извори во британската влада, британските власти во моментов прават напори „на сите нивоа“ да ги убедат САД брзо да продолжат со испораката на воена помош за Украина. Неименуван британски функционер истакна дека врската што неодамна се појави меѓу Стармер, Зеленски и Макрон му била претставена на Трамп како многу блиска.
Според Стармер, способноста на европските земји да се заложат за зголемување на трошоците за одбрана и да презентираат безбедносен план за Украина по постигнувањето на мировниот договор, може да ги убеди САД да дејствуваат како заштита за Европејците за да го одвратат рускиот претседател Владимир Путин од натамошна агресија.
Во меѓувреме, чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски, исто така, повика да се бараат опции за приближување меѓу Украина и САД.
„Треба да продолжиме да соработуваме со САД во дискусијата за европската безбедност и треба да најдеме начин, можеби како да ги зближиме Украина и САД“, рече Липавски на 4 март.
„Не треба да се откажеме од САД, дефинитивно не. Но, ова е реалност и мораме да направиме се` што можеме“, додаде тој.
Извор: Украинска редакција на Глас на Америка
Во текстот има информации од Ројтерс и АФП