Американскиот државен секретар Марко Рубио денес е во Џеда, Саудиска Арабија на разговори меѓу САД и Украина, додека претседателот Доналд Трамп се залага за брз крај на руско-украинската војна, и покрај најновите масовни руски воздушни напади врз енергетската инфраструктура на Украина.
Додека е во Џеда, Рубио ќе се сретне и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за да разговара за начините за унапредување на заедничките интереси во регионот и зајакнување на односите меѓу САД и Саудиска Арабија, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Според Стејт департментот, Рубио „ја подвлече решеноста на претседателот Трамп да стави крај на војната што е можно поскоро и нагласи дека сите страни мора да преземат чекори за да обезбедат одржлив мир“ во петокот во разговор со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски можеби нема да присуствува на разговорите во вторник со американските претставници.
Во вторник, украинската дипломатска и воена делегација предводена од началникот на Генералштабот на Зеленски Андриј Јермак, ќе остане во Саудиска Арабија на разговори со американски претставници.
Во украинскиот тим ќе бидат и Сибиха, министерот за одбрана Рустем Умеров и воениот командант Павло Палиса.
Рубио ќе му се придружи на американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц на разговорите во Џеда со украинските официјални лица.
Висок функционер на Стејт департментот изјави за медиумите „фактот што тие (украинските функционери) доаѓаат овде (Саудиска Арабија) на високи нивоа е добар показател за нас дека сакаат да седнат на маса и дека се подготвени да продолжат напред“.
Американските власти рекоа дека целта на разговорите утре е да се направи рамка за мировен договор и првичниот прекин на огнот.
Преговорите меѓу САД и Украина ќе се одржат три недели откако високи американски претставници одржаа разговори со руски претставници во Ријад.
Украина соопшти дека е „целосно посветена“ на конструктивен дијалог со САД и се надева дека „ќе разговара и договори за неопходните одлуки и чекори“.
„Украина бара мир од првата секунда од оваа војна. На маса се реални предлози. Клучот е да се движите брзо и ефикасно“, напиша Зеленски во објавата на Икс во саботата.
По посетата на Саудиска Арабија, Рубио ќе отпатува во Канада на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 од 12 до 14 март.