Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се обрати во Конгресот вечерва, зборувајќи за првите недели од доаѓањето на функцијата.
Обраќањето ќе му обезбеди на Трамп јавна сцена за да ја изложи својата визија за американската економија и политиката за имиграција и ќе му овозможи да ги брани неодамнешните контроверзни одлуки за намалување на федералната работна сила и соочување со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Но, најитниот предизвик за Трамп ќе биде да ги обедини републиканското мнозинство во Сенатот и Претставничкиот дом за да го усвои буџетот за финансирање на владата по крајниот рок на 14 март.
Републиканците се разликуваат околу тоа дали да ги намалат популарните програми за социјална заштита, како што е „Медикејд “, која обезбедува здравствено осигурување на оние со ниски примања, за да го платат долгот на САД и да платат за продолжување на даночните намалувања во 2017 година, донесени за време на првиот мандат на Трамп.
Трамп повика на „една голема, убава легислатива“ за финансирање на неговата домашна политика.
„Ни претстои многу напорна работа, но ќе ја испорачаме агендата „Америка на прво место“, им рече на новинарите претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон минатата недела.
„Ќе ја испорачаме целата, не само делови од неа“.
Демократите во Конгресот го критикуваа буџетот дека е во корист на богатите.
„Не правете грешка, ќе ги ограби постарите, децата и инвалидите да плаќаат за богатите да станат побогати“, рече лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер минатата недела.
Трамп, исто така, најверојатно ќе зборува за образложението зад воведувањето царини на САД за други земји.
Тој потврди дека царините од 25 отсто за Канада и Мексико ќе стапат на сила денес.
„Тие ќе мора да имаат царини“, им рече Трамп на новинарите во понеделникот.
„Значи, она што тие треба да го направат е да ги изградат своите фабрики за автомобили, искрено, и други работи во САД, во тој случај тие немаат царини“.
Но, еден аналитичар за Гласот на Америка изјави дека тоа е малку веројатно.
„Веројатно она што ќе се случи е што повеќето производители само ќе се преселат во други земји каде царините не се наметнати, или тие едноставно ќе се преселат“, рече Шенон Боу О'Брајан, професорка на Универзитетот на Тексас во Остин.
„Не верувам дека ќе го постигне она што тој го сака, а тоа е производството да се врати во САД“, рече О'Брајан.
Првите недели на функцијата на Трамп поминаа и со извршни наредби кои се однесуваат на едно од клучните прашања на неговата кампања: реформите во системот за имиграција.
Тој се очекува да ги истакне промените во безбедноста на јужната граница на САД со Мексико во својот говор вечерва.
Тој би можел да се осврне и на формирањето на Одделот за владина ефикасност, предводен од милијардерот Илон Маск.
Додека домашните прашања традиционално се во фокусот на претседателските обраќања до Конгресот, во говорот на Трамп веројатно ќе се појават неколку итни предизвици во надворешната политика.
Трамп, по конфронтацијата во Овалната канцеларија минатиот петок со Зеленски, им рече на новинарите дека не чувствува оти Украина доволно го признала придонесот на САД од речиси 200 милијарди долари во конфликтот што започна кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.
Се очекува Трамп да се осврне и на прекинот на огнот во Газа и неговите планови за развој на недвижности во регионот погоден од конфликти.
Сенаторката Елиса Слоткин ќе ја пренесе реакцијата од демократите на обраќањето на Трамп.
Слоткин ја освои сојузната државата Мичиген, фокусирајќи се на економијата во нејзиниот пристап до гласачите.
Придонес во текстот има дописникот на Гласот на Америка Ким Луис