Линкови за пристапност

Трамп ги бранеше царините и другите политики во говорот во Конгресот


Претседателот на САД рече дека неговата администрација „постигна повеќе за 43 дена отколку што повеќето администрации постигнаа за четири или осум години, а ние само што почнуваме“.
Претседателот на САД рече дека неговата администрација „постигна повеќе за 43 дена отколку што повеќето администрации постигнаа за четири или осум години, а ние само што почнуваме“.

Американскиот претседател Доналд Трамп во говорот вчера вечерта на заедничката седница на Конгресот ги бранеше своите нови царини за американските трговски партнери и вети дека ќе има уште повеќе.

„Другите земји користеа царини против нас со децении, а сега е наш ред“, рече Трамп во неговото прво обраќање пред американските законодавци во неговиот втор мандат.

Забелешките дојдоа откако САД во вторникот воведоа царини од 25 отсто на извозот од двата најголеми трговски партнера, Канада и Мексико, и ја удвоија претходната царина за кинескиот увоз од 10 отсто на 20 отсто.

Кина е трет најголем трговски партнер на САД.

Американските берзи доживеаја значителен пад, а трите земји се заканија дека ќе се одмаздат, предизвикувајќи загриженост за поширока трговска војна.

Трамп, исто така, рече дека САД ќе почнат да воведуваат „реципрочни тарифи“ за сите американски трговски партнери на втори април.

Тој, исто така, рече дека ќе воведе царина од 25 отсто за увоз на странски алуминиум, бакар, челик и друго.

Американскиот претседател Доналд Трамп одржува говор на заедничка седница на Конгресот
Американскиот претседател Доналд Трамп одржува говор на заедничка седница на Конгресот

Обраќањето на Трамп доаѓа шест недели од почетокот на неговиот втор мандат, кои беа обележани со тензии со сојузниците на САД, промени во надворешната политика и реформи на федералната влада.

Со потпретседателот Џеј-Ди Венс и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон седнати зад него, Трамп го започна својот говор со прогласување дека „Америка се врати“, предизвикувајќи скандирања од републиканските законодавци.

„Пред шест недели, застанав под куполата на овој Капитол и прогласив зора на златна доба на Америка. Од тој момент, тоа не беше ништо друго освен брза и непопустлива акција за воведување на најголемата и најуспешната ера во историјата на нашата земја“, рече Трамп.

Трамп рече дека неговата администрација „постигна повеќе за 43 дена отколку што повеќето администрации постигнаа за четири или осум години, а ние само што почнуваме“.

До денес, тој има потпишано 76 извршни наредби - од кои неколку се оспоруваат на суд.

Трамп наведе неколку од неговите извршни наредби, вклучително и дека прогласил национална вонредна состојба на јужната граница и распоредил американска војска и гранична патрола за да ја одврати „инвазијата на нашата земја“.

Илон Маск пристигнува во Конгресот пред претседателот Доналд Трамп да се обрати на заедничката седница во Претставничкиот дом на САД, Вашингтон, 4 март 2025 година
Илон Маск пристигнува во Конгресот пред претседателот Доналд Трамп да се обрати на заедничката седница во Претставничкиот дом на САД, Вашингтон, 4 март 2025 година

Тој, исто така, рече дека наметнал итно замрзнување на сите федерални вработувања откако се вратил во Белата куќа, плус замрзнување на странската помош.

Трамп рече и дека ги повлекол САД од „нефер“ Париски климатски договор, „корумпираната“ Светска здравствена организација и „антиамериканскиот“ Совет за човекови права на Обединетите нации (ОН).

Трамп рече дека работи на ставање крај на војната во Украина, која започна со целосната инвазија на Русија на Украина пред повеќе од три години.

„Време е да се запре ова лудило. Време е да се запре убивањето. Време е да се стави крај на бесмислената војна“, рече тој.

Коментарите на Трамп доаѓаат еден ден откако САД ја прекинаа воената помош за Украина и неколку дена по состанок во Овалната канцеларија во петокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој заврши без договор.

Во своето обраќање, Трамп рече дека во вторникот добил писмо од Зеленски во кое се вели дека Киев е „подготвен да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро“.

„Го ценам тоа што го испрати ова писмо“, рече Трамп.

Сенаторката Елиса Слоткин го даде одговорот на демократите на обраќањето на Трамп.

Таа рече дека претседателот Трамп „се обидува да им даде невиден подарок на своите пријатели милијардери“.

Сенаторката Елиса Слоткин го даде одговорот на демократите на обраќањето на Трамп
Сенаторката Елиса Слоткин го даде одговорот на демократите на обраќањето на Трамп

Го критикуваше напорот на администрацијата на Трамп, предводен од Маск, за отпуштање на голем број федерални вработени само за повторно да ги вработи откако сфатил дека отпуштените работеле на критични прашања.

„Ниту еден извршен директор во Америка не би можел да го стори тоа без да биде отпуштен од работа“, рече Слоткин, додавајќи:

„Цените на намирниците и цените на домовите се зголемуваат, а не се намалуваат. И тој нема изнесено кредибилен план да се справи со ниту едно од нив“.

Обраќањето на Трамп го постави рекордот за најдолго обраќање на заедничката седница на Конгресот од еден час и 40 минути.

Претходниот рекорд го постави поранешниот претседател Бил Клинтон со еден час и 28 минути.

XS
SM
MD
LG