За Гласот на Америка се осврнува за односите меѓу Македонија и стратешкиот партнер САД, но и за очекувањата владата во Скопје од новата администрација од претседателот Трамп.
Глас на Америка: Милошоски, присуствувате на Молитвениот појадок во Вашингтон. Се обративте на дебатата во американскиот Конгрес за важноста за трансатланската соработка за безбедност во Европа, која беше организирана од конгресмените Пит Сешнс и Боб Адерхолт. Каква порака добивте од законодавците во Вашингтон?
Антонио Милошоски: Од Вашингтон пораката е дека стратешкото партнерство ќе продолжи. Сметам дека имаат неколку критички точки. Во Европа, ќе бидат повеќе посветени на поддршката на Украина, а на глобално ниво очекувам да има поизразено соперништво со Кина. Тука Македонија треба да има јасна определба согласно со стратешкото партнерство и ценам дека може да дадеме придонес и во идните односи со новата администрација.
Глас на Америка: Пред победата на Доналд Трамп, виши претставници од Владата и Собранието од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, инвестираа многу време во состаноци со луѓе од опкружувањето на Трамп. Што очекувате за возврат од новата администрација на претседателот Трамп?
Антонио Милошоски: Од новата администрација очекуваме овие, условно кажани „персонализирани“контакти да вродат со плод кои би биле повеќе проекти од заеднички интерес во енергетиката, економијата, во одбраната и безбедноста и во владеењето на правото. Очекувам добри односи со секретарот за економија. Македонија може да си го најде своето место и да привлече странски инвестиции од САД.
Глас на Америка: Дали соработката со новата администрација ќе има и политичка димензија во насока на блокираните ЕУ - интеграции? Барате ли поголемо вклучување на Вашингтон од досегашните средби?
Антонио Милошоски: Тоа е веќе искомуницирано при претходните средби на премиерот Христијан Мицкоски. Очекуваме Вашингтон да покаже поголема волја и интерес за проширувањето на ЕУ. Може да очекуваме и дополнителен ангажман, но зависи и кој ќе биде иден помошник на државниот секретар за Европа.
Глас на Америка: Што, ако не помине иницијативата за Уставни измени со одложено дејство во Собранието, во овој состав, каде Вие, сте потпретседател?
Антонио Милошоски: Сметам дека оваа иницијатива е рационална, и за Македонија и за Бугарија и за ЕУ, но е реална ако вистинската желба на сите три актери е интеграцијата. Нашата цел се ЕУ интеграциите, сега останува да видиме која е целта на ЕУ, и на Бугарија. Менаџирањето на еден ваков компромис и преземената обврска, би било наивно да се направи без одредена извесност дека земјата ќе стаса до посакуваната цел, а тоа е ЕУ, за кои што Македонија веќе има направено многу компромиси во минатото.
Глас на Америка: Веќе 8 месеци, Македонија има нова влада и нов собраниски состав. Како се справува Македонија за клучните точки за кои ЕУ забележува - владеење на право, справување со корупцијата, брза имплементација на реформите, но и неказнивоста во системот?
Антонио Милошоски: Од она што можам да го добијам како информација во Вашингтон е дека првичните информации се дека Владата има добра програмата, која што ветува. Тоа се првични оценки на официјален Вашингтон. Сметам дека тоа треба да продолжи и во иднина, особено во борбата против корупцијата и владеење на правото. Нашата желба е во следниот извештај на Транспаренси Интернешенал, па и на Стејт департментот, Македонија да има забележителен напредок.
Глас на Америка: Дали потенцијалната блокада на ЕУ-процесот е закана за стабилноста на владејачкото мнозинство?
Антонио Милошоски: Владејачкото мнозинство е стабилно. Сме разговарале со нашите партнери и од коалицијата Вреди и од ЗНАМ и аргументирано објаснуваме дека блокадата од Бугарија и нејзиното надминување е во интерес на сите, но да се направи на начин, кој за сите граѓани ќе биде извесен и ќе донесе реален резултат за евроинтеграциите, наместо да донесе второ или трето разочарување со дополнителни блокади.
Facebook Forum