Линкови за пристапност

 
Рикер за престојот на Мицкоски во Вашингтон: „Северна Македонија немала подобар пријател од САД на меѓународната сцена“

Рикер за престојот на Мицкоски во Вашингтон: „Северна Македонија немала подобар пријател од САД на меѓународната сцена“


Мислам дека е прекрасно да се види дека премиерот Мицкоски, за релативно краток временски период откако тој и неговата влада ја презедоа власта, воспоставија толку добри, цврсти односи со Соединетите Држави, вели Рикер.
Мислам дека е прекрасно да се види дека премиерот Мицкоски, за релативно краток временски период откако тој и неговата влада ја презедоа власта, воспоставија толку добри, цврсти односи со Соединетите Држави, вели Рикер.

Поранешниот помошник - државен секретар на САД и поранешен американски амбасадор во Северна Македонија Филип Рикер го коментира неодамнешното обраќање на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC), добрите односите меѓу новата администрација во Вашингтон и Владата во Скопје, кои што можат да ги унапредат инвестиции од американски компании во Северна Македонија.

Глас на Америка: - Господине Рикер, премиерот Мицкоски, за релативно краток временски период, во рок од 1 месец, двапати ги посети САД. Присуствуваше на инаугурацијата на претседателот Трамп и минатата недела зборуваше на CPAC. Дали ова го сметате за знак дека оваа влада во Скопје е поблиска до оваа нова администрација отколку до претходната американска администрација? Во Скопје во неколку наврати, во екот на кампањата во САД, Мицкоски беше домаќин на клучни луѓе од опкружувањето на Доналд Трамп?

Бевме ангажирани во минатото и ќе бидеме во иднината на Северна Македонија, што е најважно, низ многу администрации.
Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Скопје

Филип Рикер: Северна Македонија немала подобар пријател од Соединетите Држави на меѓународна сцена. Бевме ангажирани во минатото и ќе бидеме во иднината на Северна Македонија, што е најважно, низ многу администрации.

Мислам дека е прекрасно да се види дека премиерот Мицкоски, за релативно краток временски период откако тој и неговата влада ја презедоа власта, воспоставија толку добри, цврсти односи со Соединетите Држави, вклучително, се разбира, и со новата администрација во Вашингтон.

Според Рикер, двете земји имаат извонредни односи, како и секогаш. Ангажманот на премиерот, без разлика дали е овде во Вашингтон за време на неговите посети, е клучен за двете страни од Атлантикот, изјави искусниот дипломат. Тој потсети дека разговарал со него во Минхен на Конференцијата за безбедност, што беше важна можност за Балканот, како и за пошироките трансатлантски прашања.

Глас на Америка: - Посетата на Вашингтон од премиерот Христијан Мицкоски, ако може да се протолкува во неколку реченици е дека неговата порака беше - „Не сакаме преговорите со ЕУ да се претворат во бескрајна приказна, сакаме - прво завршени преговори, па уставни амандмани“. Господине Рикер, колку се реални овие политички пораки, имајќи ја предвид целата геополитичка ситуација во Европа, но и во САД? Дали претседателот Трамп и неговиот тим можат да помогнат? Можеби со нови инвестиции на САД во Македонија? Еве, Rumble, веќе отвори канцеларија во Скопје.

Членството во НАТО, се разбира, е многу важен аспект од она што ја прави Северна Македонија привлечна за странски инвестиции. Безбедноста е најважна за економскиот развој и просперитет.
Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Скопје

Филип Рикер: Да потсетиме дека американските инвестиции се одвоени од Владата. Очигледно, она што е важно - е создавање инвестициски амбиент во Северна Македонија што ќе биде атрактивен за инвеститорите во САД, а има програми на американската влада кои можат да ги поддржат и помогнат оние напори што беа дел од помошта за Северна Македонија и другите земји во регионот за да им помогнеме да го заживеат економскиот развој. Се разбира, членството во ЕУ одамна е политички приоритет за Соединетите Држави. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан. Многу паметно и брзо се движевме кон членството во НАТО, што мислам дека беше клучно. А членството во НАТО, се разбира, е многу важен аспект од она што ја прави Северна Македонија привлечна за странски инвестиции. Безбедноста е најважна за економскиот развој и просперитет.

Според поранешниот американски амбасадор во Скопје, важни се добрите односи меѓу две земји, затоа што САД се огромна глобална сила, најголемата економија во светот, основач на НАТО. „Трансатлантските односи се приоритет и мислам дека, како што реков, премиерот Мисковски и неговиот тим одлично работат на одржување и зајакнување на тие односи. Целта за влез на Северна Македонија во Европската Унија останува приоритет“, изјави Рикер.

Мицкоски за новата американска политика: Тоа е новото нормално кое доаѓа од Вашингтон, и кое ќе го преплави светот

Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш целосно застана зад политиката што ја промовира новата администрација на Доналд Трамп, која преку потпретседателот Џеј Ди Венс ја критикуваше Европа и рече дека „новото нормално доаѓа од Вашингтон и ќе го преплави светот“.

Веднаш по враќањето во Скопје од Вашингтон каде беше на Конференцијата на конзервативците, изјави:. „Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Тука нема играње. Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања. Ако некому му пречи тоа што го кажа Венс и мене ми пречи што 20 години не можам ни милиметар да се мрднам не зашто не сум добар, туку зашто некој треба да решава прашања од 10-11 век. Не треба да бегаме од тоа, треба да си ја кажеме вистината, може не е убава за слушање, но тоа е тоа. Може да пишувате статуси дека вака или онака ќе направите, но тоа не менува ништо, а ако отидете во тие центри и седнете со луѓето, им зборувате очи во очи, се борите и аргументирате, мислам дека тоа е вистинскиот начин“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Владата информира дека во петок патува во Истанбул, на приватен ручек со тамошниот претседател Реџеп Таип Ердоган за, како што вели, потврда на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Турција. За наредниот понеделник и вторник, предвидена е меѓувладина конференција во Будимпешта.

Според Мицкоски, земјата добива поддршка од сите страни за евроинтеграцијата. „Мора да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон и секаде каде што досега, за жал, поради неодговорни политичари, како што рече, не сме „имале таква амбиција“.

Северна Македонија на страната на САД во ОН

Аргумент повеќе дека Скопје е на јасна линија со новата администрација во Вашингтон е и фактот дека Северна Македонија, заедно со Израел, Грузија и Унгарија, е ко-спонзор на нацрт-резолуцијата за Украина што ја предложија САД. Пред гласањето во Њујорк, премиерот изјави. „Па, така одлучивме, дека ќе бидеме ко-спонзори на резолуцијата што ја поднесоа САД. Очекувам мнозинството во ОН да ја поддржи“, заклучи Мицкоски.

Мицкоски во Вашингтон: Северна Македонија е на иста линија со политиките на претседателот Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон, каде што беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд, поранешна заменик-советничка за национална безбедност во првиот мандат на претседателот Трамп. Во интервјуто, Мекфарланд истакна дека Мицкоски бил единствениот европски лидер кој позитивно реагирал и аплаудирал за време на говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција. Во тој говор, Венс жестоко ги критикуваше европските држави.

Мицкоски го опиша говорот на потпретседателот на САД Венс како „историски настан“ и „инспиративен говор“. Тој истакна дека, иако некои европски политичари можеби ќе се налутат на неговото мислење, смета дека Венс бил во право.

Мицкоски посочи дека по говорот, дел од публиката го критикуваше Венс, сметајќи го неговото обраќање како мешање во внатрешните работи на суверени држави. Сепак, Мицкоски нагласи дека Северна Македонија, во својата историја, направила значајни промени, како што се промена на знамето, валутата, Уставот и името, за да ги исполни стратешките цели за членство во НАТО и ЕУ, поради притисоци од соседните земји. Тој јавно праша дали тоа не претставува мешање во внатрешните работи на суверена земја.

Премиерот Мицкоски исто така истакна дека Северна Македонија е целосно усогласена и ја поддржува политиката на претседателот Трамп, особено во однос на одбраната, со издвојување над 2% од БДП за одбранбени потреби. Тој ја нагласи и важноста во справувањето со илегалната миграција, опишувајќи ја земјата како „врата на југоисточна Европа“ и истакнувајќи дека Северна Македонија била на „линијата на фронтот“ во борбата против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти.

Македонија е верен сојузник на САД, направивме многу отстапки, Европа треба да биде принципиелна, наместо со двојни стандарди, рече премиерот

Надворешната политика е новото политичко „бојно поле“ меѓу власта и опозицијата во Северна Македонија. Разликите меѓу двете страни за тоа како треба да функционира македонската дипломатија дојдоа до израз со чекорот на владата да биде ко-спонзор на резолуцијата за Украина која САД ја поднесоа во ОН, наспроти резолуцијата поддржана од ЕУ, за потоа Северна Македонија да гласа воздржано за двете - и за американската и за европската резолуција. Ова за опозициските социјалдемократи е чиста импровизација и играње со стратешките интереси.

„Со овие хаотични и неразбирливи политики Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика во која секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана. Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати земјата да биде коспонзор на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано – првпат македонска влада е воздржана за резолуција за која е ко-спонзор. Ова покажува дека нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизација на личните проценки на премиерот. Ќе беше помудро да гласавме `за` двете резолуции.“, оцени лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Реагираше премиерот.

Христијан Мицкоски вели дека на опозицијата и смета дека владата, како што рече, имала исклучителна соработка со новата американска администрација.

Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО и анти-Америка, про-руски, а сега им пречи што имаме исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија

„Тоа е коалицијата која изминатите седум години не бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се богати на грбот на граѓаните и овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО и анти-Америка, проруски, а сега им пречи што имаме исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Покрај премиерот, на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата реагираше и Министерството за надворешни работи, велејќи дека дека биле изнесени „низа навреди, неодговорни и произволни заклучоци и дека гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители“.

„...Честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија...“, пишува во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје.

Поврзано

XS
SM
MD
LG