Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски се осврна на иднината на трансатлантските односи на Западен Балкан во излагањето во Европскиот центар при Атлантскиот совет во Вашингтон.
Мицкоски оцени дека по парламентарните избори во Северна Македонија на 8 мај минатата година, Владата трасира нов политички правец за официјално Скопје во критичен момент за Западен Балкан. „Патот до членството во ЕУ за Северна Македонија и поширокиот регион е долг и полн со пречки, од спорови со соседите, до внатрешни уставни дебати“, потсети премиерот.
Сега на почетокот на новата администрација на Трамп, а по Минхенската безбедносна конференција во 2025 година, Мицкоски во Вашингтон ја сподели својата визија за надворешната политика на Северна Македонија и идните односи со Соединетите Држави.
Потенцираше дека Северна Македонија има направено многу отстапки и оти заедно со Хрватска во 2005-та станале кандидатки за членство во ЕУ.
Коридорот 8 е вториот најважен коридор за НАТО, кој го поврзува Црното море со Јадранското Море.Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија
Мицкоски изрази очекување за унапредување на односите меѓу САД и Северна Македонија со новата администрација во Вашингтон. „Мислам дека во наредниот период ќе го зголемиме стратешкото партнерство. Можеби сме мали, но со големо геополитичко значење. Ние сме земја без излез на море, но сме во срцето на Балканот, природна раскрсница што поврзува или вкрстува два многу важни паневропски коридори, коридорот 10 и коридорот 8. Коридорот 8 е вториот најважен коридор за НАТО, кој го поврзува Црното море со Јадранското Море, практично пристаништето Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија“, изјави македонскиот премиер.
Тој потсети дека меѓу двете земји има Договор за стратешко партнерство од пред повеќе од една деценија, потпишан од тогашните министри надворешни работи на САД и Македонија, Кондолиза Рајс и Антонио Милошоски.
Запрашан, што може Северна Македонија да им понуди на САД за инвестирање, тој одговори дека кога станува збор за потенцијалните инвестиции, прв е енергетскиот сектор.
„Нашиот мандат го започнавме со една голема инвестиција во обновливите извори што ја градиме, а инвеститорот е странски. Ова е дел од индиректни инвестиции. Станува збор за инвестиција од половина милијарда американски долари. Се гради фарма за производство на енергија преку ветерници“, рече тој.
Според премиерот, „потенцијалот е голем, не само за градење производствени капацитети, туку и за тргување со електричната енергија, бидејќи, како што кажа, „сме многу добро поврзани со извозните и увозните земји“. Македонија е раскрсница, рече Мицкоски. „Нашите приоритети се три столба. Прекугранична енергија, транспорт, и поврзување. Ова е наш приоритет. Исто така, постои еден голем проект во нашата земја за изградба на две големи хидроцентрали. Зборуваме ѝ за најквалитетно земјоделско земјиште според мое скромно мислење, во Европа, но и за подем на туризмот. Пред неколку дена Румбл, на пример, отвори компанија во Скопје. Исто така, олеснуваме и за нов производствен погон на Ваптек, што е компанија од листата на Fortune, а има и некои други многу важни“.
За стратешкото партнерство со САД, Мицкоски најави зголемувањето на меѓусебно партнерство, со економската соработка, особено во полето на транспортот и енергетиката.
Терминалот Александрополис сега ќе се поврзе со централна Европа и ќе биде голема конкуренција на таканаречениот Јужен тек или Русија.Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија
„За нас е многу важно, особено кога започна со работа терминалот за гас во Александрополис. Почнуваме да градиме јужен интерконектор за гас кој ќе ја поврзе мојата земја со јужниот сосед. И овој проект доби зелено светло, доби кредит од ЕИБ и ЕБОР.
Ќе имаме и инвестиции од нашиот национален буџет, а воедно и дел од таканаречената иницијатива за план за раст, вклучивме северен интер-конектор кој ќе ја поврзе мојата земја со северниот сосед, што значи дека терминалот Александрополис сега ќе се поврзе со централна Европа и ќе биде голема конкуренција на таканаречениот Јужен тек, или Русија“, изјави премиерот на Северна Македонија во Атлантскиот совет.
Сепак, Западниот Балкан останува бојно поле за конкурентни геополитички интереси, од руската тактика на наметнување до проширувањето на економското влијание од Кина, предупреди Мицкоски.
Настанот во Вашингтон беше дел од Иницијативата #BalkansForward на Европскиот центар, која го промовира политичкиот и економскиот напредок на регионот преку евроатлантските интеграции.