Линкови за пристапност

За 10 години поддршката за ЕУ намалена за речиси 20 проценти


Резултатите од анализите потврдуваат дека се` уште има голема разлика во поддршката кон ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – 56 отсто од испитаниците Македонци се `за` во Унијата, додека тој процент кај Албанците е многу поголем – дури 82
Резултатите од анализите потврдуваат дека се` уште има голема разлика во поддршката кон ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – 56 отсто од испитаниците Македонци се `за` во Унијата, додека тој процент кај Албанците е многу поголем – дури 82

Поголем дел од граѓаните – 62 отсто го поддржува процесот на зачленување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), покажува заедничкото истражување на Институтот за демократија и локалната канцеларија на Фондацијата Конрад Аденауер.

Резултатите од анализите потврдуваат дека се` уште има голема разлика во поддршката кон ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – 56 отсто од испитаниците Македонци се `за` во Унијата, додека тој процент кај Албанците е многу поголем – дури 82.

Една третина од прашаните му придаваат големо значење на ЕУ-пристапувањето, а една третина смета дека тоа воопшто нема какво било значење.

Интересно е дека највоздржани се најмладата и највозрасната категорија.

„Оваа година констатираме дека поддршката се задржува на 62 процента. Оној постојан благ пад што го нотираме веќе цела декада некако застанува, што не значи дека во една поширока слика нема да продолжи. Меѓутоа, можеме да констатираме дека мнозинството граѓани сепак ја поддржува Унијата. Зголемување на поддршката имаме и кај поддржувачите на владата, односно на ВМРО-ДПМНЕ, што е исто така значаен факт. Највоздржани во однос на поддршка на Европската Унија се најмладите и највозрасните испитаници, кај нив гледаме поголема неопределеност, неодлучност и отвореност за позитивни ставови кон Кина, кај младите, и Русија, кај највозрасната генерација. Тоа не е презначаен процент, но, сепак, вреди да се констатира дека постои“, вели Марко Трошановски, претседател на ИДСЦ.

Евроскептицизмот кај дел од општеството останува, но е со релативно мала поддршка од само 11 проценти. Испитаниците кои се произнеле како неопределени или апатични изнесуваат дури една четвртина.

Надворешните фактори, а не домашните прашања, се сметаат за главни причини за забавувањето на процесот на пристапување во ЕУ – 43 отсто од граѓаните мислат дека дека опструкциите од соседните земји се најголемата пречка за напредокот на земјата. Тука е и темата за уставни измени – услов за отворање на преговарачките поглавја.

„Во однос на евроинтеграциите, 20 проценти од испитаниците се `за` уставни измени, додека другите се поделени за статус-кво, повлекување од процесот и промена на преговарачката рамка“, изјави Анамарија Велинсовска од ИДСЦ.

Претставници на владејачкото мнозинство кои присуствуваа на презентацијата на наодите повторија дека ситуацијата со блокираните евроинтеграции може да се надмине преку формулата „уставни измени со одложено дејство“.

„Македонија досега, неколкупати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите измени ќе ја приближат земјата до преговорите за членство, но очигледно е дека ЕУ не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за уште едно неисполнето ветување. Затоа, мислам дека одложеното дејство би бил рационелан аргумент кој ќе биде поттик за Македонија да се интегрира, а Бугарија да не блокира“, вели Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието.

Резултатите од ова истражување, правено по изборите во САД, но пред официјалното влегување на Доналд Трамп во Белата куќа, доаѓаат во период кога се става под прашање трансатлнатското партнерство.

САД се` уште, според испитаниците, се надворешен фактор кој има најголемо влијание врз Северна Македонија, но анкетата покажува пад од речиси 20 проценти во однос на 2023.

„Мислам дека презентацијата на наодите доаѓа во вистинско време и во контекст на безбедносната конференција во Минхен и, пред се`, во однос на трансатлантското партнерство кое сега е повторно под знак на прашалник. Но, сепак, Европа треба да се фокусира на своите силни страни, но и своите ограничувања. Политиката на проширување ќе биде отежната поради околностите што се случуваат, но, сепак, тоа треба да биде одговорено од ЕУ на начин дека е способна да седи на истата маса, како што тоа го прават САД и Русија во моментот кога се прават мировни преговори за Украина“, вели Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер.

Иако поддршката за влез во ЕУ од 62 отсто се` уште е висока, кога ќе се спореди со ситуацијата од пред десет години, се забележува надолен тренд.

Во 2014, дури 80 проценти биле „за“ земјата да стане дел од Унијата.

XS
SM
MD
LG