Линкови за пристапност

Уметноста добива нова форма со вештачката интелигенција


Уметноста добива нова форма со вештачката интелигенција
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00

Компаниите за вештачка интелигенција ги обучуваат своите модели со дела на писатели, уметници и креативци кои обично не се споменати или надоместени. Наместо да се борат против вештачката интелигенција, некои технолошки компании ги охрабруваат креаторите да го искористат тоа. Известува Тина Трин.  

Кога старите мајстори ги создавале своите уметнички дела, правата на интелектуална сопственост веројатно не биле приоритет.

Но, овие денови, појавата на генеративната вештачка интелигенција ги загрижи некои уметници дека моделите со вештачка интелигенција ги користат нивните дела без нивно знаење или согласност.

„Начинот на кој што денес е дизајнирана вештачката интелигенција е да консумира сè што секој го создава, за да ги обучи своите модели и потоа да генерира резултати без да дава какви било награди и каква било можност за добивка за овие креатори“, вели Мича Кауфман, извршен директор на Фивер.

Фивер, онлајн пазар за фриленсери, неодамна организираше настан во Њујорк за да ги претстави алатките кои им дозволуваат на работниците да создаваат и обучуваат свои модели на вештачка интелигенција.

Писатели, уметници и други креативци добиваат персонализиран модел на вештачка интелигенција обучен според нивниот специфичен стил и естетика. Тие потоа можат да го понудат на своите клиенти.

„Наместо клиентот да дојде кај одреден креатор и да не биде сигурен дали тој е погоден за неговото дело, сега може да си поигра со неговиот модел и да добие пртстава за тоа што ќе добие”, вели Кауфман.

Некои фриленсери се оптимисти.

„Чувствувам дека ова ви дава подобра алатка, подобра количина на контрола врз она што го правите, што сакате и како да го пласирате на пазарот.”, додава Захари Витмор, фриленс изведувач на гласови.

Ди Смит е исто така гласовен изведувач на Фивер.

Тој вели дека гласовите генерирани од вештачка интелигенција би можеле да му помогнат да опслужува повеќе клиенти како што се мали бизниси кои можеби не можат да си дозволат негови услуги.

„Постојат одредени клиенти кои не треба да имаат совршен, убаво изработен глас. Ним им треба нешто поедноставно“, вели Смит.

„Она што го правиме е дека воведуваме нов револуционерен начин на пристап до дизајнот на вештачката интелигенција – начин кој го става креаторот во центарот”, додава Кауфман.

Фивер не е единствената компанија која се справува со проблемите со авторските права за креативните професионалци и вештачката интелигенција.

„Во моментов постои конфликт помеѓу креаторите и компаниите за вештачка интелигенција. И тоа е само затоа што всушност не постои едноставен начин за лиценцирање и поврзување на овие два света”, истакнува Трип Адлер, извршен директор на Created by Humans.

Тоа е стартап кој функционира како еден вид на брокер за вештачка интелигенција за објавени автори.

„Ние создаваме пазар за права на вештачка интелигенција кој им овозможува на луѓето-креатори да ги лиценцираат своите содржини и права на вештачка интелигенција на компании за вештачка интелигенција. Се пријавувате, го потврдувате својот идентитет, ги пријавувате вашите книги, ги избирате опциите за лиценцирање и за само неколку минути и можете да започнете со лиценцирање на вашите книги за вештачка интелигенција“, вели Адлер.

Системите за вештачка интелигенција ќе треба да добијат дозвола од авторот пред да ги користат нивните книги за обука.

Овие компании тврдат дека моделите со вештачка интелигенција ќе треба да се обучуваат за поквалитетни податоци за да ги подобрат своите резултати.

„Ако ние сме друг извор на висококвалитетни книги, сметаме дека тоа е место од каде што тие ќе сакаат да добијат лиценца“, вели Адлер.

Во оваа ера на вештачка интелигенција, Адлер вели дека се работи за градење мостови меѓу човечките креатори и компаниите за вештачка интелигенција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG