Линкови за пристапност

ФБИ немал вистински докази за соработка меѓу кампањата на Трамп и Русија, заклучи специјалната истрага


Во извештајот на американскиот специјален советник Џон Дурам се вели дека ФБИ ја третирал истрагата за Трамп во 2016 година поинаку од другите политички чувствителни истраги, вклучително и онаа во која била вклучена Хилари Клинтон
Во извештајот на американскиот специјален советник Џон Дурам се вели дека ФБИ ја третирал истрагата за Трамп во 2016 година поинаку од другите политички чувствителни истраги, вклучително и онаа во која била вклучена Хилари Клинтон

На Федералното истражно биро (ФБИ) му недостасувале „вистински докази“ за да ја истражи претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година, и премногу се потпирало на советите дадени од политичките противници на Трамп за да ја поттикнат истрагата, заклучи американскиот специјален советник Џон Дурам во извештајот објавен денес.

Извештајот го означува крајот на четиригодишната истрага започната во мај 2019 година кога тогашниот државен обвинител Вилијам Бар го назначи Дурам, ветеран обвинител, да ги испита потенцијалните погрешни чекори од страна на ФБИ кога ја започна својата истрага за потенцијални контакти помеѓу претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година и Русија.

Истрагата подоцна му беше предадена на специјалниот советник Роберт Мулер, кој во март 2019 година заклучи дека нема докази за криминален заговор меѓу кампањата на Трамп во 2016 година и Русија.

Во својот нов извештај од 306 страници, Дурам заклучи дека американското разузнавање и полицијата не поседуваат „вистински докази“ за соработка меѓу кампањата на Трамп и Русија пред да започне истрагата.

Тој, исто така, го обвини Бирото дека истрагата за Трамп во 2016 година ја третира поинаку од другите политички чувствителни истраги, вклучително и неколкуте во кои била вклучена демократската ривалка на Трамп Хилари Клинтон.

На пример, тој рече дека Клинтон и другите функционери добиле одбранбени брифинзи за тоа дека се можни цели на странско мешање, додека Трамп не добил таков брифинг пред ФБИ да отвори истрага за четворица членови на неговата кампања.

„Одделот и ФБИ не успеаја да ја одржат својата важна мисија за строга верност кон законот во врска со одредени настани и активности опишани во овој извештај“, напиша Дурам.

„Висок персонал на ФБИ покажа сериозен недостаток на аналитичка строгост кон информациите што ги добиваа, особено информациите од политички поврзани лица и ентитети“.

Како одговор на извештајот, ФБИ соопшти дека веќе има имплементирано десетици корективни дејства кои се во сила веќе некое време.

Извештајот на Дурам беше објавен во Конгресот, откако беше доставен до државниот обвинител Мерик Гарланд во петокот.

Претседателот на законодавната комисија на Претставничкиот дом Џим Џордан, на Твитер објави дека го поканил Дурам да сведочи за неговиот извештај следната недела.

Наодите на Дурам веројатно ќе станат политичка храна за Трамп, кој планира да влезе во трка за реизбор во 2024 година и покрај тоа што се соочува со кривични обвиненија во Њујорк и две федерални истраги од специјалниот советник Џек Смит, кои го разгледуваат и задржувањето на доверливите досиеја од страна на Трамп и неговата улога во напорите за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Трамп се надеваше дека Дурам ќе го објави својот извештај пред изборите во 2020 година, што според него ќе беше удар за кампањата на претседателот Џо Бајден.

Трамп денес на социјалните мрежи рече дека е задоволен од резултатите од извештајот на Дурам.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG