Само еден месец откако беше во официјална посета на Јапонија, претседателот на САД неделава се враќа повторно таму за Самитот Г-20 во Осака.
За време на Самитот, Трамп треба да се сретне со светските лидери, меѓу кои кинескиот претседател Шји Џјинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.
„Претседателот се чувствува комотно дека оди на состанок со кинескиот претседател, и покрај пропаѓањето на трговските преговори САД - Кина, и зголемените даноци кон Пекинг од страна на Вашингтон, изјави висок официјален претставник од администрацијата.
Американските официјални лица велат дека нема утврдена агенда за средба на Трамп со Путин, иако рекоа дека прашањата за Иран, Украина, Блискиот Исток и Венцуела сигурно ќе бидат тема на разговор.
Сепак, аналитичарите очекуваат дека разговорите на Г-20 ќе поминат во знак на нервоза околу нарушувањето на односите меѓу Вашингтон и Техеран.
Лидерите на двете држави изјавија дека сакаат да избегнат војна, но, исто така, неколку пати повторија дека нема да се двоумат да ги бранат сопствените интереси доколку бидат испровоцирани.
Трамп се очекува пред лидерите на Самитот да истакне дека САД планираат да ги продолжат економските санкции врз Иран, иако аналитичарите велат дека Трамп треба да избегнува драма на Г-20.
Трамп, исто така, се очекува да разговара и со лидерите на Австралија, Германија, Индија, Саудиска Арабија и на Турција.
И ќерката на Трамп и советничка во Белата куќа Иванка Трамп ќе има важно обраќање на настан во рамки на Самитот.
Од Јапонија, Трамп ќе отпатува во Сеул, каде се очекува да разговара со јужнокорејскиот претседател за олеснување на тензиите со Северна Кореја.
Facebook Forum