Американски сенатор изјави дека доставил писмо од претседателот Доналд Трамп до рускиот претседател Владимир Путин, за можна средба и нови разговори на највисоко ниво меѓу двете земји.
Републиканецот Ранд Пол од Кентаки, поддржувач на Трамп, кој во последниве неколку дена беше во Москва каде имал средба со руски пратеници, изјави: „имав чест да доставам писмо од претседателот Трамп до Владимир Путин“.
Во објавата на Твитер, Пол вели дека писмото „ја нагласи важноста на понатамошен ангажман во различни области, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот, подобрувањето на законодавниот дијалог и продолжување на културните размени“.
И Трамп и Путин, упатија покани еден на друг за средба во нивните главни градови. По разговорите во Хелсинки, не е закажана нова средба, а од Белата куќа соопштија дека ќе ја одложат посетата на Путин во Вашингтон до 2019-та година, до кога се очекува да биде завршена истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за руското мешање на претседателските избори во 2016-та.
Трамп беше жестоко критикуван во САД за неговите изјави на самитот во Хелсинки, кога го прифати негирањето на Путин дека Русија се вмешала во изборите, што е спротивно со заклучокот на американската разузнавачка заедница, дека Русија се обидела да му помогне на Трамп да стане претседател. На заедничката прес-конференција со Трамп, Путин рече дека сакал Трамп да победи, бидејќи тој како кандидат изјавил дека сака да ги подобри американско-руските односи.
Во Вашингтон, американскиот претседател ги разјасни неговите забелешки и рече дека Русија се мешала, но и понатаму го негира тврдењето дека Русија се обидела да му помогне да победи на изборите, а истрагата на Мулер, според него, е „голема измама“.
Facebook Forum