Надворешната политика е новото политичко „бојно поле“ меѓу власта и опозицијата. Разликите меѓу двете страни за тоа како треба да функционира македонската дипломатија дојдоа до израз со чекорот на владата да биде коспонзор на резолуцијата за Украина која САД ја поднесоа во ОН, наспроти резолуцијата поддржана од ЕУ, за потоа земјава да гласа воздржано за двете - и за американската и за европската резоулција. Ова за социјалдемократите е чиста импровизација и играње со стратешките интереси.
„Со овие хаотични и неразбирливи политики Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика во која секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана. Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати земјата да биде коспонзор на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано – првпат македонска влада е воздржана за резолуција за која е коспонзор. Ова покажува дека нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизација на личните проценки на премиерот. Ќе беше помудро да гласавме `за` двете резоулции.“, оцени лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Одговорот брзо стигна, и тоа од премиерот.
Христијан Мицкоски вели дека на опозицијата и смета дека владата, како што рече, имала исклучителна соработка со новата американска администрација.
„Тоа е коалицијата која изминатите седум години не бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се богати на грбот на граѓаните и овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО и анти-Америка, проруски, а сега им пречи што имаме исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот денеска не го употреби терминот „новото нормално“ што, според неговата завчерашна изјава, со оваа администрација се шири од Вашингтон, и кое неговата влада го поддржува. Филипче пак, прашува, што е тоа „ново нормално“?
„Премиерот на кажа што е тоа `новото нормално`. Точно е дека гледаме промени во САД со новата администрација. Ете имавме конкретна работа во која требаше да го покажеме нашето стратешко партнерство, не само со САД, туку и со ЕУ преку двете резоулции во ОН кои двете имаат за цел завршување на војната во Украина. Зошто двете не ги поддржавме а нaмeсто тоа владата не стави друштво со некои африкански земји, а со тоа се оддалечуваме од сите европски земји, оцени лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Премиерот даде објаснување за делот за поддршка за резолуцијата на САД, но не и за тоа зошто Северна Македонија беше воздржана за европската резолуција за Украина, имајќи предвид дека сме земја-кандидатка за членство во Унијата.
„И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации. Во меѓувреме, резолуцијата требаше да се гласа во Генералното собрание а беа поднеснеи неколку амандмани, најголемиот дел одбиени, а еден прифатен и тогаш предлагачот САД, го искористи правото и гласал воздржано. Македонската Влада, беше во целосна координација со САД и гласаше воздржано.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Покрај премиерот, на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата реагираше и МНР велејќи дека дека биле изнесени „низа навреди, неодговорни и произволни заклучоци и дека гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители“.
„...Честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија...“, пишува во реакцијата на министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди владата, зошто гласаме спротивно од другите европски земји.“, заклучи Филипче.