Потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски е во Вашингтон на Молитвениот појадок со бројни конгресмени, сенатори, светски државници, креирачи на политиката и експерти.
За Гласот на Америка се осврнува за односите меѓу Северна Македонија и стратешкиот партнер САД, но и за очекувањата владата во Скопје од новата администрација од претседателот Трамп.
Глас на Америка: Милошоски, присуствувате на Молитвениот појадок во Вашингтон. Се обративте на дебатата во американскиот Конгрес за важноста за трансатланската соработка за безбедност во Европа, која беше организирана од конгресмените Пит Сешнс и Боб Адерхолт. Каква порака добивте од законодавците во Вашингтон?
Антонио Милошоски: Од Вашингтон пораката е дека стратешкото партнерство ќе продолжи. Сметам дека имаат неколку критички точки. Во Европа, ќе бидат повеќе посветени на поддршката на Украина, а на глобално ниво очекувам да има поизразено соперништво со Кина. Тука Македонија треба да има јасна определба согласно со стратешкото партнерство и ценам дека може да дадеме придонес во идните односи со новата администрација.
Глас на Америка: Пред победата на Доналд Трамп, виши претставници од Владата и Собранието од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, инвестираа многу време во состаноци со луѓе од опкружувањето на Трамп. Што очекувате за возврат од новата администрација на претседателот Трамп?
Очекувам добри односи со секретарот за економија. Македонија може да си го најде своето место и да привлече странски инвестиции од САД.Милошоски, потпретседател на Собранието
Антонио Милошоски: Од новата администрација очекуваме овие, условно кажани, „персонализираните“ контакти да вродат со плод кои би биле повеќе проекти од заеднички интерес во енергетиката, економијата, во одбраната и безбедноста и во владеењето на правото. Очекувам добри односи со секретарот за трговија. Македонија може да си го најде своето место и да привлече странски инвестиции од САД.
Глас на Америка: Дали соработката со новата администрација во Вашингтон ќе има и политичка димензија во насока на блокираните ЕУ - интеграции за Северна Македонија? Барате ли поголемо вклучување на Вашингтон од досегашните средби?
Антонио Милошоски: Тоа е веќе искомуницирано при претходните средби на премиерот Христијан Мицкоски. Очекуваме Вашингтон да покаже поголема волја и интерес за проширувањето на ЕУ. Може да очекуваме и дополнителен ангажман, но зависи и кој ќе биде иден помошник на државниот секретар за Европа.
Глас на Америка: Што, ако не помине иницијативата за Уставни измени со одложено дејство во Собранието, во овој состав, каде Вие, сте потпретседател?
Антонио Милошоски: Сметам дека оваа иницијатива е рационална, и за Македонија и за Бугарија и за ЕУ, но е реална ако вистинската желба од сите три актери е интеграцијата. Нашата цел се ЕУ интеграциите, сега останува да видиме која е целта на ЕУ, и на Бугарија. Менаџирањето на еден ваков компромис и преземената обврска, би било наивно да се направи без одредена извесност дека земјата ќе стаса до посакуваната цел, а тоа е ЕУ, за кои што Македонија веќе има направено многу компромиси во минатото.
Глас на Америка: Веќе 8 месеци, Северна Македонија има нова влада и нов собраниски состав. Како се справува Македонија за клучните точки за кои ЕУ забележува - владеење на право, справување со корупцијата, брза имплементација на реформите, но и неказнивоста во системот?
Нашата желба е во следниот извештај на Транспаренси Интернешенал, па и на Стејт департментот, Македонија да има забележителен напредок.Милошоски, потпретседател на Собранието
Антонио Милошоски: Од она што можам да го добијам како информација во Вашингтон е дека првичните информации се дека Владата има добра програмата, која што ветува. Тоа се првични оценки на официјален Вашингтон. Сметам дека тоа треба да продолжи и во иднина, особено во борбата против корупцијата и владеење на правото. Нашата желба е во следниот извештај на Транспаренси Интернешенал, па и на Стејт департментот, Македонија да има забележителен напредок.
Глас на Америка: Дали потенцијалната блокада на ЕУ-процесот е закана за стабилноста на владејачкото мнозинство?
Антонио Милошоски: Владејачкото мнозинство е стабилно. Сме разговарале со нашите партнери и од коалицијата Вреди и од ЗНАМ и аргументирано објаснуваме дека блокадата од Бугарија и нејзиното надминување е во интерес на сите, но да се направи на начин, кој за сите граѓани ќе биде извесен и ќе донесе реален резултат за евроинтеграциите, наместо да донесе второ или трето разочарување со дополнителни блокади.