Земјата продолжува да се бори со корупција, медиумите и граѓанското општество се активно вклучени јавниот дискурс, но новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.
Тоа стои во дел од новиот Извештај за глобалните слободи на Фридом хаус, а во кој Северна Македонија е на истата позиција како лани со 67 поени (од вкупно 100) и се наоѓа во групата на делумно слободни земји. Оценката во годинешниот извештај е за состојбата со слободите во 2024 година.
Во иста група на делумно слободни се наоѓаат и земјите од опкружувањето на Северна Македонија, така што Србија има 56 поени, Албанија е со 68 поени, Косово е доби оценка 60, Црна Гора е со оценка 69, додека БиХ доби 52 поени.
Оценувањето е од 1 до 100 поени, при што земјите со поголеми слободи се со повисока бројка. Така, во светски рамки Финска се смета за општество со најмногу слободи и се наоѓа на позиција со 100 поени.
Бугарија е оценета како слободна земја со 77 поени, Грција има оценка 85, а Хрватска е со 82 поена. Словенија има најдобри оцени од поранешните југословенски простори и има ранг 96 од можни сто.
САД, во однос на слободите во општеството имаат ранг 84, додека Русија има далеку пониски оценки и добила 12 поени, како земја во која, според скалилото на Фридом хаус, нема слободи.
Во извештајот, како посебна територија се оценети и деловите од Украина што се под руска окупација, и таму рангот е во негатива, минус еден (-1). Територијата од Украина, пак, што не е под окупација, се наоѓа во делумно слободни земји со ранг 51.
Генерално во извештајот се вели дека се забележува 19-годишен постојан пад на глобално ниво. Бројот на земјите во кои слободите се намалуваат, е поголем од земјите во кои слободата на изразување, делување, функционирање во општеството има напредок. Тој пад опфаќа повеќе од 40 проценти од глобалното население.
Причина за тој пад се тековните вооружени конфликти, со кои се загрозени безбедноста и правата на граѓаните.
„Овие конфликти претставуваат јасна закана за безбедноста и суверенитетот на демократските нации конкретно и на сите нации воопшто. Тие го поттикнуваат ширењето на недозволената трговија со оружје, обезбедуваат засолништа за криминалните организации, создаваат можности за раст на терористички и други екстремистички групи, ги нарушуваат глобалниот транспорт и трговија и, во најлош случај, им овозможуваат на авторитарните режими да заземат територија од или целосно да ги уништат демократските влади“, стои во дел од текстот кон Извештајот.
Како пример се посочува руската инвазија врз Украина
„Во деловите на Украина што ги окупира Русија, се интензивираа напорите на Москва да го елиминира украинскиот идентитет. Кампањата вклучуваше принудување на жителите да земат руски пасоши и, со помош на режимот на Александар Лукашенко во Белорусија, да се одземат и индоктринираат украинските деца во обид за нивна ‘русификација’, па дури и ангажман во руската воена служба“, се додава во Извештајот.
За конфликтот во Газа, пак, се вели:
„Вооруженото насилство не само што ги влоши страдањата, туку и ги избриша неколкуте права и слободи што им останаа на жителите на територијата“, стои во дел од извештајот.
Слободите во светот е годишен извештај на Фридом хаус за политичките права и граѓански слободи во светот. Се изработува од педесеттите години од минатиот век. Во извештајот објавен денеска се опфатени 195 земји и 13 територии во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година.