Во јануари или Доналд Трамп или Камала Харис ќе бидат следниот американски претседател и клучниот глас во одредувањето на геостратешките интереси на САД и врховниот командант кој ќе ја раководи најмоќната армија во светот.
„Немав војни, освен ИСИС, која ја победив, но тоа беше војна, која беше започната. Немавме војни. Можев да ги прекинам војните со телефонски повик“, истакна Трамп.
Трамп никогаш не објасни како ќе стави крај на војните.
Додека Џо Бајден е во Белата куќа, Русија ја нападна Украина и милитантните групи Хамас и Хезболах го нападнаа Израел, што доведе до крвава едногодишна одмаздничка кампања на израелските сили.
За време на мандатот на Трамп, не започнаа големи војни и тој не ги вклучи САД во нови вооружени конфликти. Поддржувачите на Трамп тоа го нарекуваат мир преку манифестација на сила.
Демократите тврдат дека тоа е случајност и дека на крајот од мандатот на Трамп, американските трупи сè уште војувале во Авганистан, Сирија, Ирак и Јемен.
Тука е ѝ непредвидливоста на Трамп.
Претседателските историчари ја нарекуваат „теорија на лудакот“.
„Идејата дека преправајќи се, или барем навидум, да се биде подготвен да биде непредвидлив во надворешната политика и да се одмазди злобно, беше начин на манифестирање сила. Непредвидливоста во таа смисла може да биде доблест“, вели Томас Шварц од Универзитетот Вандербилт.
Критичарите велат дека непредвидливоста на Трамп, поврзана со неговиот личен интерес, е опасна во свет со нуклеарно оружје.
Непредвидливоста, исто така, може да го комплицира згаснувањето на конфликтите.
„Многу од де-ескалацијата и дипломатијата зависи од кореографијата, а кореографијата треба да биде предвидлива. Ако знаете што ќе направи вашиот противник за следниот чекор, можете да го неутрализирате, со соочување но без конфликт“, посочува Лаура Блуменфилд од универзитетот Џонс Хопкинс.
На дипломатскиот фронт, Харис се смета дека има потрадиционален пристап. Како и претседателот Џо Бајден, таа верува во мултилатеризам и градење сојузништва за одржување на глобалното лидерство на САД.
„Како потпретседателка, се соочив со закани по нашата безбедност, преговарав со странски лидери, ги зајакнав нашите сојузништва и се ангажирав со нашите храбри трупи во странство. Како врховен командант, ќе се погрижам Америка секогаш да ја има најсилната, најсмртоносната борбена сила во светот“, истакна Харис.
Но, Харис, како и Трамп, може да бидат поселективни во одредувањето кои конфликти бараат американски воен одговор.
САД повеќе не се единствената светска суперсила.
„И Трамп и Харис го игнорираат фактот дека има редистрибуција на моќта во меѓународниот систем, дека другите земји, исто така имаат збор, дека Русија и Кина имаат свои ставови за тоа како треба да функционира меѓународниот поредок“, нагласува Елен Лајпсон од Универзитетот Џорџ Мејсон.
Разликата, вели Лајпсон, е во тоа што Харис верува во моќта и лидерството на САД и би била повеќе склона да ги собере сојузниците со цел заеднички да ги решаваат проблемите.
Таа најверојатно ќе го продолжи притисокот на Бајден за поголемо транс-атлантско единство за поддршка на Украина.
За ситуацијата во Газа, го нагласи почитувањето на хуманитарните закони.
„Доналд Трамп му вели на премиерот Нетанјаху „направи го тоа што треба да го правиш на Блискиот Исток“. Камала Харис вели: „Имате право да се браните но треба да ја земете предвид хуманитарната криза со Палестинците“. Дали некој од ваквиот пристап ќе води до различен исход? Конечно, дали некој ги слуша САД?“, додава Блуменфилд.
Додека Американците се подготвуваат за изборите, тоа е тешко прашање, без разлика кој ќе победи во ноември.
Facebook Forum