Нема место за политичко насилство никаде во светот - домашните и странски лидери го осудија обидот за атентат врз Трамп

  • VOA

Полиција ја блокира улицата пред голф клуб Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, на 15 септември 2024 година по инцидентот со пукање

По она што Федералното истражно биро (ФБИ) го нарече очигледен обид за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп, имаше широко распространета осуда на политичкото насилство, како и повици за засилени безбедносни мерки.

Потпретседателката Камала Харис, која му се спротивставува на Трамп на претседателските избори во ноември, во изјава рече дека е „длабоко вознемирена“ од инцидентот во неделата на теренот за голф во Флорида.

„Сите ние мора да го дадеме својот дел за да се осигураме дека овој инцидент не доведе до поголемо насилство“, рече Харис.

Републиканскиот сенатор Тим Скот рече:

„Политичкото насилство нема апсолутно никакво место во САД“.

Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис, републиканец, рече дека неговата држава ќе спроведе сопствена истрага за инцидентот, велејќи дека луѓето „ја заслужуваат вистината за потенцијалниот атентатор“ и за тоа како тој можел толку да се доближи до Трамп.

Тајната служба беше под лупа откако Трамп беше застрелан во уво за време на предизборниот митинг во јули.

Конгресменката Елис Стефаник, вчера покрена слични прашања.

„И понатаму нема одговори за ужасниот обид за атентат во Пенсилванија и очекуваме да има јасно објаснување за тоа што се случи денеска на Флорида“, рече Стефаник.

Демократскиот конгресмен Ро Кана ги нарече двата обида за атентат врз Трамп „неприфатливи“ и рече дека Тајната служба „мора да дојде во Конгресот утре, да ни каже кои ресурси се потребни за да го прошириме заштитниот периметар и да го распределиме на двопартиско гласање истиот ден“.

Слична порака имаше и републиканскиот претставник Дарел Иса.

„Доволно видов. Ако Конгресот треба да ја принуди Тајната служба да го заштити Доналд Трамп, тоа е она што ќе го направиме“, рече тој.

Трамп, во пораката на својата страница Truth Social доцна во неделата, им се заблагодари на Тајната служба и локалната полиција што го чувале на безбедно.

Претседателот Џо Бајден рече во изјавата дека неговата администрација „ќе продолжи да гарантира дека Тајната служба ги има сите ресурси, способности и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди постојана безбедност на поранешниот претседател“.

Највисокиот демократ во Претставничкиот дом Хаким Џефрис, рече дека политичкото насилство „нема место во цивилизираното општество“.

„Благодарен сум што поранешниот претседател Трамп е безбеден и што наводниот сторител е во притвор“, рече Џефрис.

Загриженост за инцидентот во неделата дојде и од странство.

Британскиот премиер Кир Стармер им рече на новинарите дека е загрижен поради веста за очигледниот обид за атентат.

„Мислам дека е навистина важно што сите сме многу, многу јасни дека насилството нема никаква улога во ниту еден политички процес“, рече Стармер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека му е мило што слушнал дека Трамп не е повреден.

„Ова е нашиот принцип: владеењето на правото е најважно и политичкото насилство нема место никаде во светот. Искрено се надеваме дека сите ќе останат безбедни“, рече Зеленски.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац рече дека народот на Израел му испраќа најдобри желби на Трамп „по вториот обид за атентат врз неговиот живот неодамна“.

„Мораме силно да ги осудиме сите обиди за наметнување политички ставови преку закани и насилство - политичкото насилство никогаш не смее да го поткопа правото на американскиот народ слободно и демократски да го избере својот пат“, рече Кац.

Некои информации се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс