Во своето прво појавување во кампања по обидот за атентат врз неговиот републикански ривал, претседателот Џо Бајден го поврза нападот врз Доналд Трамп со расното и вооруженото насилство во САД, барајќи од Американците универзално да го осудат.
„Сите ние имаме одговорност да ја намалиме температурата и да го осудиме насилството во која било форма“, им рече тој вчера на црните гласачи во Лас Вегас, Невада.
Говорејќи на конвенцијата на Националното здружение за унапредување на обоените луѓе, американска организација за граѓански права, Бајден го истакна насилството извршено врз Афроамериканците, вклучувајќи го и Џорџ Флојд, кој беше убиен од бел полицаец во 2020 година.
За првпат по пукањето на настанот на кампањата на Трамп во Пенсилванија во саботата, во кој загина едно лице во толпата и рани други, вклучително и поранешниот претседател, Бајден повика на построга контрола на оружјето и да се врати забраната на САД за полуавтоматско ужје, која истече во 2004 година.
„Во пукањето во Доналд Трамп беше употребен АР-15. Исто како што тоа беше оружје што уби многу други, вклучително и деца“, рече тој.
„Време е да ги прогласиме надвор од законот. Го направив тоа еднаш, и ќе го направам повторно“.
Со поддршката на црнците, клучна за да се обезбеди неговата победа, Бајден ги спротивстави своите политики со оние на поранешниот претседател за прашања клучни за Афроамериканците, исмејувајќи се со терминот „црни работни места“ што Трамп често го користи.
„Знам што е црнечка работа. Тоа е потпретседателот на САД“, рече тој, пофалувајќи ја потпретседателката Камала Харис, која е црна Американка.
Тој ја засили својата порака во интервју за Black Entertainment Television истиот ден.
Денес, тој ќе се обрати на UnidosUS, најголемата латиноамериканска организација за граѓански права и застапување во нацијата, обидувајќи се да ги придобие гласачите од Латиноамериканците, уште еден клучен гласачки блок за партијата.
Во моментов, претседателот заостанува во анкетите зад Трамп на национално ниво и во различни сојузни држави, вклучително и во Невада.
Тој продолжува да ги отфрла повиците од најмалку 20 конгресни демократи и други во неговата партија да се повлече, инсистирајќи дека тој е најдобро позиционираниот демократ да го победи Трамп.
Преку неговата платформа за социјални медиуми, Трамп, исто така, ја повика нацијата „да биде обединета“.
Тој во интервју за весникот „Вашингтон егзаминер“ рече дека го преработил својот говор на конвенцијата за да се фокусира повеќе на единството.
„Сите зборуваат за единство, дури и Доналд Трамп“, рече Клер Финкелштајн, директорка на Центарот за етика и владеење на правото на Универзитетот на Пенсилванија.
„Се разбира, неговата визија за единство е дека земјата треба да се обедини зад него“, рече таа за Гласот на Америка.
Ким Луис од Гласот на Америка придонесе за овој текст