Линкови за пристапност

Сакам да се обидам да ја обединам нашата земја, вели Трамп по обидот за атентат


Од пристигнувањето на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на меѓународниот аеродром Милвоки Мичел
Од пристигнувањето на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на меѓународниот аеродром Милвоки Мичел

Поранешниот претседател Доналд Трамп е во Милвоки денес за да ги направи последните подготовки за републиканската претседателска номинација подоцна оваа недела, откако за влакно го избегна обидот за атентат, за кој рече дека претставува можност за обединување на земјата.

Трамп (78) одржуваше предизборен митинг во саботата во Батлер, Пенсилванија - клучна држава на изборите на 5 ноември - кога 20-годишен маж со пушка во стилот АР-15 се приближи доволно за да пука во поранешниот републикански претседател од покривот.

Еден истрел го погодил горниот дел на десното уво на Трамп, оставајќи го лицето облеано со крв, но тој не беше тешко повреден.

„Ретко го тргам погледот од толпата. Да не го сторев тоа во тој момент, па, немаше да разговараме денес, нели?“, изјави Трамп во неделата за „Вашингтон егзаминер“.

Едно лице од толпата беше убиено, а уште две ранети пред агентите на Тајната служба да го застрелаат осомничениот.

Во неделата, и Трамп и претседателот Џо Бајден, советуваа на смиреност и единство во земјата чиј длабок политички јаз стана поизразен за време на претседателската трка.

„Нема место во Америка за ваков вид насилство, за какво било насилство досега. Точка. Нема исклучоци“, рече тој.

„Не можеме да дозволиме ова насилство да се нормализира“.

„Политичката реторика во оваа земја е многу вжештена. Време е да се олади“, рече Бајден во телевизиското обраќање од Овалната канцеларија.

Светските лидери го осудија нападот. Британскиот премиер Кир Стармер рече дека е „згрозен од шокантните сцени“, а францускиот претседател Емануел Макрон го нарече обидот за атентат „трагедија за нашите демократии“.

Трамп во неделата неколку пати крена тупаница во воздух, изговарајќи ги зборовите „Борете се! Борете се!“.

„Ова е шанса да се обедини целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, многу поинаков отколку пред два дена“, рече Трамп за „Вашингтон егзаминер“.

„Сакам да се обидам да ја обединам нашата земја“, објави „Њујорк пост“ како рекол Трамп за време на истото интервју, направено за време на летот за Милвоки.

„Но, не знам дали тоа е можно. Луѓето се многу поделени“.

Бајден, демократ, нареди независен преглед за тоа како напаѓачот, кој беше застрелан од агенти неколку моменти откако отвори оган, можел да заземе позиција толку блиска до Трамп, кој како поранешен претседател има доживотна заштита од американската Тајна служба .

Бајден и Трамп разговараа меѓу себе во саботата вечерта по пукањето.

Двајцата се наоѓаат во близок изборен реванш, според повеќето анкети на јавното мислење, вклучително и од Ројтерс/Ипсос.

Пукањето во саботата поттикна дискусија околу претседателската кампања, која беше фокусирана на тоа дали Бајден (81) треба да се откаже по запирањето на дебатата на 27 јуни.

XS
SM
MD
LG