Линкови за пристапност

Трамп безбеден по втор обид за атентат, велат властите


Членови на ФБИ се видени на местото на инцидентот пред Меѓународниот голф клуб Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, на 15 септември 2024 година по пукање на теренот за голф на поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Членови на ФБИ се видени на местото на инцидентот пред Меѓународниот голф клуб Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, на 15 септември 2024 година по пукање на теренот за голф на поранешниот американски претседател Доналд Трамп

По вторпат во девет недели, поранешниот претседател Доналд Трамп избегна обид за атентат – последниот, во неделата попладне, во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, Флорида, соопштија властите.

Официјални лица рекоа дека Трамп не е повреден и дека напаѓачот бил забележан и во него било пукано од членовите на обезбедувањето на Трамп.

Различни извори на национални медиуми, вклучително и Асошиетед прес, Њујорк тајмс и Фокс њуз, цитираа неименувани службеници за спроведување на законот, кои го идентификуваа осомничениот како Рајан Весли Рут (58) од Хаваи.

Тие функционери зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи не беа овластени да разговараат за тековната истрага.

За разлика од претходниот обид, овој не се случи на телевизија во живо, како драматичното пукање што Трамп го преживеа на 13 јули. При тој обид Трамп беше ранет во уво, а еден човек кој присуствуваше на митингот на Трамп беше убиен.

Неколку дена подоцна, Трамп ја прифати претседателската номинација на Републиканската партија.

Федералното биро за истраги (ФБИ), кое го води случајот, го опиша како „она што изгледа како обид за атентат“.

Со тоа, ова е втора тековна истрага на агенцијата за обид на атентат врз Трамп.

Локалниот шериф рече дека осомничениот побегнал, оставајќи зад себе „пушка во стил АК-47“, камера и два ранци.

Полицијата подоцна го фатила додека со голема брзина се движел на главниот автопат во соседната област.

„Агентот на тајната служба што беше распореден заврши фантастична работа“, рече шерифот Рик Бредшо од канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич, на брифингот што го одржаа органите на редот набргу потоа.

Во заедничката изјава испратена до новинарите помалку од еден час откако кампањата на Трамп го објави последниот обид за атентат врз Трамп, претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис рекоа дека редовно се информирани и оти им „олеснало“ што Трамп е безбеден.

„Претседателот и потпретседателката се информирани за безбедносниот инцидент на меѓународниот терен за голф Трамп, каде што поранешниот претседател Трамп играше голф“, се вели во нивното соопштение.

И во вечерната изјава, Бајден ја повтори својата порака од пукањето во јули.

„Како што реков многупати, нема место за политичко насилство или за какво било насилство во нашата земја, и му наредив на мојот тим да продолжи да гарантира дека Тајната служба ги има сите ресурси, способности и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди поранешниот претседател“, рече тој.

А Харис издаде пократка изјава на социјалните мрежи, во која рече:

„На насилството му нема место во Америка“.

Трамп не реагираше за инцидентот на социјалната платформа што ја поседува.

Сепак, во имејл до поддржувачите, Трамп рече:

„Имаше истрели во мојата близина, но пред да почнат гласините да излегуваат од контрола, сакав прво да го слушнете ова: Јас сум безбеден и добар“.

Се покренаа и прашања во Америка за тоа како ова ќе влијае на она што веќе е бурна изборна сезона.

Трамп не објави никакви промени во неговиот распоред и треба да зборува во живо на Икс в понеделник навечер од неговото одморалиште Мар-а-Лаго, за да ја лансира крипто платформата на неговите синови.

Во меѓувреме, лидерите на конгресната двопартиска работна група, која го истражува обидот за атентат врз Трамп на 13 јули, рекоа дека побарале брифинг од Тајната служба.

Дел од информациите се од Ројтерс и Асошиетед прес

Поврзано

XS
SM
MD
LG