Линкови за пристапност

Не очекуваме промени во мерките за безбедност на Републиканската национална конвенција, вели Тајната служба


Зградата на Републиканската национална конвенција во Милвоки, Висконсин (14 јули 2024 година)
Зградата на Републиканската национална конвенција во Милвоки, Висконсин (14 јули 2024 година)

Републиканската партија на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја отвора Републиканската национална конвенција, на која Трамп треба официјално да биде номиниран за претседателски кандидат на партијата подоцна оваа недела, додека федералните власти работат на откривање на неодговорените прашања за лицето кое се обиде да го убие Трамп на саботниот митинг.

Безбедноста е остро во фокусот на конвенцијата во Милвоки, Висконсин, но федералните агенции за спроведување на законот велат дека не планираат никакви промени во нивните веќе големи безбедносни мерки.

„Ние сме уверени во безбедносните планови за овој настан и подготвени сме да одиме“, рече Одри Гибсон-Кичино, координаторка на американската Тајна служба за конвенцијата, на телевизиски брифинг во неделата.

„Не очекуваме никакви безбедносни промени“.

Трамп изјави за весникот „Вашингтон егзаминер“ дека неговото обраќање на конвенцијата в четврток требаше да биде „навистина тешко“ и да се фокусира на политиките на американскиот претседател Џо Бајден, но сега ќе вклучува повици за национално единство.

„Ова е шанса да се собере целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, многу поинаков отколку што би бил пред два дена“, изјави Трамп за весникот.

Бајден во неделата рече дека пукањето било „спротивно на сè за што се залагаме како нација, сè. Не е тоа кои сме ние како нација. Тоа не е американски. И не можеме да дозволиме ова да се случи“.

Тој вети дека Тајната служба ќе му ги даде на Трамп „сите ресурси и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди неговата континуирана безбедност“.

Бајден, исто така, рече дека очекува републиканците оваа недела да го критикуваат неговата работа, притоа нудејќи своја сопствена визија за земјата, и дека тој ќе ги користи сопствените настани оваа недела за да ја промовира работата на неговата администрација.

Бајден повика на единство и мир по пукањето во Трамп.

„Ќе продолжам силно да зборувам за нашата демократија, да се залагам за нашиот Устав и владеењето на правото, да повикувам на акција пред гласачките кутии, без насилство на нашите улици“, рече Бајден.

„Така треба да функционира демократијата“.

Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека го идентификувал осомничениот, но сè уште не го утврдил мотивот за обидот за атентат во саботата на митингот на Трамп во Батлер, Пенсилванија.

Агенцијата за спроведување на законот соопшти дека 20-годишниот Томас Метју Крукс, бил „субјектот вклучен“ во пукањето.

Случајни минувачи надвор од безбедносниот периметар на областа каде што Трамп зборуваше рекоа дека безуспешно ѝ викале на полицијата кога го забележале вооружениот напаѓач како се качува на покривот на блиската зграда со оружје.

Напаѓачот го погоди Трамп во десното уво, убивајќи едно лице во толпата и рани двајца други, пред снајперист на Тајната служба да го убие осомничениот.

Во близина на телото на осомничениот е пронајдена пушка во стилот АР-15.

Крукс, кој завршил средно училиште пред две години, работел како помошник за исхрана во Центарот за медицински сестри и рехабилитација во Бетел Парк.

Тој бил регистриран републиканец. Но, кога имал 17 години, Крукс, исто така, направил политичка донација од 15 долари за ActBlue, политички акционен комитет кој собира пари за левоориентираните и демократските политичари, според пријавата на Федералната изборна комисија од 2021 година.

Сопругата на Трамп, поранешната прва дама Меланија Трамп, која не беше на митингот, во објава на социјалните мрежи во неделата рече:

„Основните аспекти на животот на мојот сопруг – неговата човечка страна – беа закопани под политичката машина“.

Таа додаде: „За оние од вас кои даваат поддршка, ви благодарам. Ги пофалувам оние од вас кои посегнаа подалеку од политичкиот јаз - ви благодарам што се сеќавате дека секој политичар е маж или жена со љубезно семејство“.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека е „добро“.

Тој беше пуштен од болница доцна во саботата.

Инцидентот со пукањето веднаш покрена прашања за нивото на заштита на Тајната служба обезбедена на Трамп, иако агенцијата за безбедност го отфрли како „апсолутно лажно“ тврдењето на некои поддржувачи на Трамп дека Тајната служба го одбила барањето за поголема безбедност на Трамп.

„Всушност, неодамна американската Тајна служба додаде заштитни ресурси и способности на безбедносните детали на поранешниот претседател“, рече портпаролот на агенцијата.

Републиканските лидери во Претставничкиот дом изјавија дека ќе започнат истрага за инцидентот и побараа од директорката на Тајната служба Кимберли Читл да присуствува на сослушувањето за ова прашање.

Рочиштето е закажано за 22 јули.

Аналитичарите предупредија дека обидот за атентат може да ја наруши жестоката претседателска кампања и дополнително да го подели американското општество.

„Ова е исклучително мрачен ден во Америка - исклучително мрачен ден во нашата демократија. Можеби најсериозниот чин на политичко насилство што сме го виделе барем од 11 септември“, рече Џејкоб Вер, научен соработник во Советот за надворешни односи.

„Денес светот се промени“, рече професорот од Универзитетот Џорџ Вашингтон, Кејси Бургат.

„Ќе има партиско покажување со прст за тоа како и зошто се случи ова, но низ политичкиот спектар со право ќе слушнеме унифицирано отфрлање на секое политичко насилство. Можам само да се надевам дека второто ќе победи“, рече Бургат.

Српската редакција на Гласот на Америка, Кетрин Гипсон и Кен Бредемаер придонесоа за овој текст. Некои информации се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG