Не може да се прецизира што е следно и колку би траеле преговорите. Вака сублимира Ричард Кремер, добар познавач на случувањата на Западниот Балкан од организацијата Алијанса САД – Европа во Вашингтон. Го поздрави политичкиот чекор напред дека по 17 години од добивањето на кандидатски статус, Северна Македонија ги почна пристапните преговори. Изрази задоволство што ѝ Албанија е во пакет со Македонија.
Your browser doesn’t support HTML5
„Што е следно? Тоа е прашање од 64.000 долари, како што велиме. Ова требаше да се случи многу порано, уште во ноември 2019-та. Северна Македонија и Албанија одамна имаат стремеж кон ЕУ и двете земји се ориентирани кон западните демократии, а не кон авторитарните режими, вели Ричард Кремер, од организацијата Алијансата САД – Европа во Вашингтон.
Тој не гледа проблеми да се организира каков било референдум за важно прашање, но потенцира дека Северна Македонија има демократски избрана влада во чија платформа е нагласен почетокот на преговори со ЕУ.
Не се сите среќни секогаш при компромис, но тоа е суштината на преговорите.Кремер за Гласот на Америка
„Имаше компромиси. Бугарија мораше да направи отстапки, Северна Македонија, исто така. Така се постигнува напредок. Не се сите среќни секогаш при компромис, но тоа е суштината на преговорите. Негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов. Но - на долг рок, мислам дека сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ и во НАТО, што е природна траекторија каде се движи земјата во моментов“, додава Кремер.
Дали е можно до 2030-та, како што некои аналитичари предвидуваат, Северна Македонија и Албанија да станат дел од европското семејство?
„Остварливо е. Има генерализирање дека постои загриженост за нивото на корупција во Албанија. Но, албанскиот премиер Еди Рама покажа дека иако не може да се сузбие целосно, но има напредок на тоа поле. Истото се случува и во Северна Македонија. Владеење на правото, одговорна и транспарентна влада, организирање фер и слободни избори би биле посакувани компоненти од една демократска земја. Тоа би било инспиративно за другите аспиранти кон ЕУ во регионот“, додава Ричард Кремер, добар познавач на случувањата на Западниот Балкан.
Според него, регионот е ранлив на ширењето на руската пропаганда само доколку граѓаните веруваат во разните дезинформации, непроверени и сомнителни извори на информирање, предупредува Кремер.
„Тоа што гледаме во Бугарија, Босна и насекаде, на Западниот Балкан, ваквите руски дезинформации и лажни вести не поминуваат меѓу жителите на Балканот, со исклучок на Србија, каде владее постојана јавна поддршка за Русија и покрај бруталната и неиспровоцирана војна против украинскиот народ“, оцени Кремер, добар познавач на случувањата на Западниот Балкан од организацијата Алијанса САД – Европа во Вашингтон.
Се додека САД продолжуваат да им помагаат на земјите од Западниот Балкан да станат консолидирани демократии на слободниот и отворен пазар, ќе помогне полесно да се интегрираат во ЕУ, вели тој. „Индиректна корист, наместо директно наметнување, би требало да биде ангажманот на САД од било која администрација во Вашингтон кон Балканот“, додава Кремер.