Линкови за пристапност

Османи и Генчовска ставија потпис на билатералниот протокол


Потписот на двајцата министри врз документот, кој воедно е записник од мешовитата македонско-бугарска комисија, се смета за отворање пат кон почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ
Потписот на двајцата министри врз документот, кој воедно е записник од мешовитата македонско-бугарска комисија, се смета за отворање пат кон почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ

Бугарија е држава која најсилно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија. Се надеваме дека со нашата поддршка ќе стигнат таму каде што граѓаните на Северна Македонија сакаат најмногу да стигнат, а тоа е ЕУ, рече Генчовска

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија, Теодора Генчовска, денеска во Софија го потпишаа протоколот за меѓусебна соработка. Потписот на двајцата министри врз документот, кој воедно е записник од денешната, втора, седница на мешовитата македонско-бугарска комисија, се смета за отворање пат кон почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Министерката Генчовска, во рамките на церемонијата на потпишувањето, рече дека Бугарија е најголем поддржувач на евроинтеграциите за Северна Македонија.

„Бугарија е држава која најсилно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија. Се надеваме дека со нашата поддршка ќе стигнат таму каде што граѓаните на Северна Македонија сакаат најмногу да стигнат, а тоа е Европската Унија“, рече Генчовска.

Министерот Османи, пак, истакна дека денеска имале конструктивни разговори во рамките на меѓувладината комисија.

„ Сите коишто беа вклучени максимално се вложиле за да има проекти, меморандуми, документи со кои односите меѓу нашите две држави отвораат едно ново поглавје, во коешто во сите сектори ќе се поврзуваат луѓето, бизнисите, различните институции, со цел таа соработка да биде поблиска, поплодна, заснована на меѓусебна доверба, како блиски пријатели, како со сојузници во НАТО и се надевам во скоро и како сојузници во ЕУ“, рече Османи.

Тој воедно истакна дека земјата добива можност, после 17 години кандидатски статус, да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Министерот Османи на синоќешниот кус брифинг со домашните медиуми истакна дека содржината на протоколот ќе биде објавена веднаш после неговото потпишување. Сепак, тој сè уште не е доставен до јавноста.

„Очекуваме поддршка од Бугарија кон овој пат. Сето тоа во интерес во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија и на Република Бугарија... Ова е само еден нов почеток, се надевам дека од денеска отвораме едно ново поглавје меѓу нашите држави, со цел да се надминат сите предизвици, сите пречки на патот кон европското сојузништво“, рече Османи.

Министерот Османи на синоќешниот кус брифинг со домашните медиуми истакна дека содржината на протоколот ќе биде објавена веднаш после неговото потпишување. Сепак, тој сè уште не е доставен до јавноста.

Во кусиот брифинг Османи укажа дека протоколот се состои од повеќе поглавја во кои, меѓу другото, станува збор за заеднички одбележувања на историски настани и личности, за двострани измени на дел од содржините на учебниците каде се спомнуваат историски и географски теми. Сепак такви измени ќе нема додека мешовитата комисија за историски прашања не донесе заеднички одлуки по таквите прашања.

Во рамките на македонската владина комисија беше и вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој, како што пренесе прес-службата на македонското МНР, рекол дека со денешниот потпис Бугарија станува наш партнер и сојузник на европскиот пат.

„Секторските групи продолжуваат да работат и во следниот период ќе се фокусираат на заедничко делување во менаџирањето и надминувањето на кризите со кои се соочуваме. Имаме здрава и цврста основа да го продолжиме дијалогот во позитивна атмосфера, достоинствено чекорејќи кон ЕУ“, истакнал вицепремиерот Маричиќ на состанокот.

После потпишувањето на протоколот од денешната македонско бугарска меѓувладина комисија, се очекува во вторник во Брисел, на 19 јули, да се одржи прва меѓувладина конференција со земјите членки на ЕУ. Тоа воедно ќе го означи и официјалниот почеток на преговорите со ЕУ.

Сепак, фактичкиот почеток на тие преговори, односно отворање поглавја, нема да се случи додека не бидат направени измени во македонскиот устав, односно запишување и на бугарскиот народ во Уставот.

XS
SM
MD
LG