Линкови за пристапност

Собранието со 68 гласа „ЗА“ ги усвои новите предлог заклучоци за францускиот предлог


Непосредно пред гласањето, пратениците од опозициските ВМРО - ДПМНЕ и Левица ја напуштија собарниската сала. На денешната седница беше доставен нов сет за заклучоци кои ги гласаа пратениците а кои се насоки за тоа како Владата треба да ги води преговорите со ЕУ. Борбата допрва почнува, порача лидерот на ВМРО - ДПМНЕ кој повтори дека измени на Уставот нема да има а за тоа се гаранција писмени изјави на пратениците од неговата партија заверени на нотар. Министерот Османи одработуваше за Албанија и во мојата Влада нема да биде ниту службеник. Од СДСМ и ДУИ со официјални соопштенија ја поздравија одлуката на Собранието и ја оценија како мудар и одговорен чекор.


СКОПЈЕ - Собранието, предмалку, со 68 гласа „ЗА“ без ниту еден воздржан или против ги изгласа предлог заклучоците поднесени од пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на француската предлог преговарачка рамка. Опозициксите пратениците ја напуштија салата непосредно пред гласањето. По усвојувањето на заклучоците присутните пратеници ја поздравија одлуката со аплауз и со развиорено државно знаме и знамето на Европската унија.

Веднаш по усвојувањето на информацијата прес конференција пред седиштето на партијата одржа претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој им се заблагодари на граѓаните кои изминатите денови излегоа на улица и порача дека борбата допрва почнува.

„ Ако беше добра работата за Македонија немаше да ги чува полиција како во Бејрут. Заедно со народот ќе победиме во оваа борба. Ова им е само алиби а ние ќе го врвиме најдолгиот пат. Информацијата која ја усвои владата на Ковачевски и формално иако не беше задолжително пројде и во Собранието. Сакам да му се заблагодарам на народот кој масовно и во огромен број излезе на улиците и со денови беше тврдината на непокорот и демонстрираше воља за борба за својата иднина и за Македонија. Ова не е крајот туку почетокот на заедничкот бедем кој Македонија ќе ја врати на народот “, рече Мицкоски.

Според Мицкоски договорот таков каков што Владата го усвои престатвува срам за целата држава а самиот чин на прифаќање е предавство и порача дека ќе има одговорност.

„Ова е комплетирање на вториот дел од предавството кое Заев го почна во јули 2017 година. Предавство чиј план е асимилација и бугаризација на македонскиот народ. Ќе помине пратеничкиот имунитет и полициските кордони. Ќе заврши сево ова. За неколку години повторно ќе треба да го погледнат народот во очи. Ви ветувам дека ќе одговараат. Се ставија на теманата страна на историјата“, рече Мицкоски.

Како гаранција дека Уставот нема да се отвори со цел да се впишат Бугарите во него Мицкоси покажа изјави заверени на нотар од сите членови на неговата пратеничка група со кои се обврзуваат дека нема да го дозволат тоа.

Мицкоски кажа и дека министерот за надворешни работи одработувал во корист на Албанија и дека во евентуалната владата која тој ќе ја состави, Османи нема да смее да биде ниту службеник.

Од СДСМ и ДУИ со официјални соопштенија ја поздравија одлуката на Собранието и ја оценија како мудар и одговорен чекор.

На денешното трето продолжение на пленарната седница останаа тројца пратеници да го искористат своето право да говорат.

Прв се обрати пратеникот од Левица, Борислав Крмов, кој кажа дека со прифаќањењто на овој предлог државата ќе остане вечно блокирана во процесот. Тој ги обвини СДСМ за клиентелистички и поданички однос кон странскиот фактор и кон ДУИ.

„Се удоволува на фашистичките барања на Бугарија, бидејќи е нивна членка и тие се држат заедно. За прв пат македонскиот јазик не е заштитен. Интенцијата е дека јазикот е дел од бугарскиот! Кај нас е традиција да се бара легитимитетот, не пред народот, туку пред странскиот фактор. Сега сме во ситуација каде Македонците се дискриминирани од Албанците во сите институции каде доминираат Албанци, а во случајов и Македонија, затоа што дипломатијата и преговорите ги води Бујар Османи. Дали ќе се откажете од Скендербег ако треба да кренете рака за некаков предлог од овој тип за кој расправаме, ако ви кажат дека тој е Србин затоа што мајка му се викала Воислава, постариот брат Станиша, со сестри Ангелина, Влајка... Дали ќе кренете рака? А ќе кренете за ние да се откажеме од Гоце Делчев. Затоа, размислете како ќе гласате. СДС имаат гадење, презир кон обичниот народ, додека кон странските чинители, кон оние кои имаат моќ, имаат измеќарски менталитет, менталитет на колонијални поданици, а ист е нивниот однос и кон УЧК (ДУИ)“, рече Крмов од говорницата.

За Игор Јанушев од ВМРО - ДПМНЕ, станува збор за предавство за кое мора да се одговара.

„И ова што го правите сега е исто како она што го правевте минатите денови за луѓето што гаѓаа со јајца од протестите определувавте притвор, а за оние со пиштолите кај Скендербег излезе дека биле со цвеќе. Ова согласно кривичен закон што го правите е велепредавство, за ова се одговара, и ќе одговарате сите до еден. Македонскиот народ е трпелив македонскиот народ тоа го покажа низ историјата, но македонскиот народ е и кроток, македонскиот народ знае да прости но за некои работи нема простување. Затоа што големо ни е името, голема ни е нацијата, големо ни е наследството, Македонецот е горд, и Македонецот ова нема да го дозволи “, рече Јанушев.

За пратеникот Иван Стоиљковиќ, овој предлог се однесува на идентитетските прашања и се друго е лага и манупулација.

„Да тврди некој дека почетокот на преговорите и сето ова што се случува во изминативе денови нема врска со идентитетски прашања во најмала рака е невкусно, а не само што е невкусно туку и ја навредува елементарната човечка интелигенција. Главниот проблем со почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ се идентитетските прашања и тие најдиректно се однесуваат на македонскиот народ. Со ова што денеска се случува бадентеровото мнозинство ја изгуби својата смисла и содржина затоа што истото во овој момент не се однесува за припадниците на македонскиот народ туку сосема спротивно“, рече Стоиљковиќ.

Тридневната расправа во Собранието се одвиваше во крајно тензична атмосфера исполнета со навреди, клетви и обвинувања за предавство на националните интереси и бугаризација на државата а беше и избегнат поголем инцидент односно физичка пресметка меѓу двајца пратеници.

XS
SM
MD
LG