Линкови за пристапност

Русија не го истражила соодветно труењето на Навални, треба да му плати отштета од 43.000 долари, вели Европскиот суд за човекови права


Судот рече дека Русија не успеала „да ги истражи наводите за можни политички мотиви за обидот за убиство, како и за можна вмешаност на државни агенти“, едногласно утврдувајќи дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права
Судот рече дека Русија не успеала „да ги истражи наводите за можни политички мотиви за обидот за убиство, како и за можна вмешаност на државни агенти“, едногласно утврдувајќи дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права

Европскиот суд за човекови права денес соопшти дека ја осудил Русија поради тоа што не го истражила соодветно труењето на опозиционер Алексеј Навални во 2020 година, за кое Западот вели дека било обид за атентат.

Судот рече дека Русија не успеала „да ги истражи наводите за можни политички мотиви за обидот за убиство, како и за можна вмешаност на државни агенти“, едногласно утврдувајќи дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

Се наведува дека Русија одбила да отвори кривична постапка за труењето, што доведе до тоа Навални да падне во кома и да биде ставен на апарати за одржување во живот.

Активистот за борба против корупцијата, кој поддржувачите го гледаат како потенцијален политички ривал на претседателот Владимир Путин, се разболел додека бил на домашен лет од Сибир.

Навални подоцна беше евакуиран во Германија каде што закрепна. Тој е зад решетки откако се врати во Москва на почетокот на 2021 година.

Европскиот суд за човекови права истакна дека тестовите на германската влада покажале „дефинитивен доказ“ за присуството на хемискиот нервен агенс Новичок од советската ера во телото на Навални.

Судот рече дека истрагата од Русија не била отворена за проверка и на Навални не му било дозволено да учествува.

Истрагата „не беше способна да доведе до утврдување на релевантните факти и идентификација и, доколку е соодветно, казнување на одговорните“, се вели во извештајот.

„Таа затоа не може да се смета за адекватна“.

На Русија ѝ беше наложено да му плати на Навални отштета од 43.000 долари.

Навални и неговите приврзаници велат дека бил отруен од безбедносната служба ФСБ испратена од Кремљ да го елиминира.

Тој отслужува деветгодишна затворска казна за наводна проневера и други обвиненија за кои поддржувачите велат дека биле измислени како одмазда поради тоа што се осмелил да организира протести против Путин и да обвинува за корупција од страна на претседателот и неговиот близок круг.

Навални наскоро треба да му се суди за нов случај „екстремизам“ и се соочува со дополнителни 35 години затвор.

Во пораката за неговиот 47-ми роденден овој месец, Навални инсистираше на тоа дека е „добро расположен“ и покрај тоа што живее во „пеколна дупка“ и му недостасува семејството.

„Животот функционира на таков начин што социјалниот напредок и подобра иднина може да се постигнат само ако одреден број луѓе се подготвени да ја платат цената за своето право да имаат верувања“, рече тој.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG