Линкови за пристапност

Илјадници приведени во антивоени протести во Русија


Демонстрации се одржаа и надвор од Русија, вклучително и во Индија и Казахстан, откако затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални повика на светски протести против војната
Демонстрации се одржаа и надвор од Русија, вклучително и во Индија и Казахстан, откако затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални повика на светски протести против војната

(РСЕ) - Илјадници луѓе се приведени на протестите во десетици градови низ Русија против неиспровоцираната војна на претседателот Владимир Путин во Украина, соопшти вчера руското Министерство за внатрешни работи, како и независниот мониторинг на протестите ОВД-Инфо.

Според него, 3.895 лица биле приведени за време на протестите во 53 градови. Се додава дека полициските оддели може да имаат повеќе приведени отколку што се појавуваат на нивните објавени извештаи.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Ирина Волк, изјави дека 1.700 лица се приведени во Москва, а 750 се приведени во Санкт Петербург.

Уапсените во Москва биле меѓу околу 2.500 лица кои учествуваа на „неовластен митинг“, рече Волк, пренесе ТАСС. Во Санкт Петербург биле уапсени 750 од 1.500-те кои учествувале.

Илјадници демонстранти во Москва и Санкт Петербург извикуваа „Не за војната“ и „Срам да ти е", според видеата објавени на социјалните мрежи од опозициски активисти.

Демонстрации се одржаа и надвор од Русија, вклучително и во Индија и Казахстан, откако затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални повика на светски протести против војната.

Демонстрантите во Казахстан предупредија дека „Казахстан ќе биде следен ако војната не се прекине сега“.

Околу 100 луѓе присуствуваа на демонстрациите во Владивосток, а околу 15 од нив беа уапсени, јави дописникот на независниот весник Новаја Газета.Некои од демонстрантите држеа плакати и извикуваа антивоени слогани.

Радио Слободна Европа не можеше самостојно да ја потврди информацијата. Руските власти на 5-ти март предупредија дека ќе го спречат секој обид за одржување неодобрени демонстрации.

Демонстрациите Казахстан вчера привлекоа стотици демонстранти, кои извикуваа слогани против Путин и војната во Украина.

Даулет Абилкасимов, организатор на протестот, изјави на митингот дека нивните демонстрации „не се против рускиот народ, туку против Путин“.

Други предупредија дека „она што се случува денес во Украина, следно може да се случи во Казахстан“.

Некои учесници на митингот побараа од Казахстан да ги напушти двете регионални тела предводени од Русија - Евроазиската економска унија (ЕЕУ) и Организацијата на Договорот за колективна безбедност.

Во текстот се искористени и информации од Ројтерс

XS
SM
MD
LG