Линкови за пристапност

САД подготвуваат санкции за Русија поради Навални


(Вашингтон, Ројтерс) Се очекува Соединетите Држави да воведат санкции за да ја казнат Русија за труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Ова го тврдат два избори запознаени со ситуацијата.

Одлуката на претседателот Џо Бајден да воведе санкции укажува на поцврстиот став што тој го има во однос на неговиот претходник, Доналд Трамп, кој дозволи овој чин од минатиот август да помине без американска реакција.

Кремљ соопшти дека нови американски санкции поради односот кон Навални нема да ја постигнат целта и само ќе ги влошат и онака затегнатите односи.

Навални се разболе додека леташе во Сибир во август и беше префрлен во Германија каде лекарите заклучија дека бил отруен со нервен агенс. Кремљ негираше дека има улога во болеста и тврди дека нема доказ оти тој бил отруен.

Изворите кои инсистираат да останат анонимни велат дека се очекува САД да постапи согласно две извршни наредби – 13661 која беше издадена по руската инвазија на Крим и која дава широки овластување за таргетирање на руски функционери, како и 13382 која е издадена во 2005-та и која има за цел борба со ширењето на оружје за масовно уништување.

Двете наредби им овозможуваат на Соединетите Држави да ги замрзнат имотите на американска територија на оние кои се таргетирани и да им забранат на американските компании и индивидуи да соработуваат со нив.

Изворите велат дека администрацијата на Бајден исто така планира да дејствува врз основа на Актот за контрола и елиминирање на хемиски и биолошки оружја од 1991-та кој овозможува палета на казнени мерки.

Изворите исто така велат дека Вашингтон ќе ги изземе од санкциите странската помош и некои извозни дозволи за Русија.

Стејт Департментот не ги коментираше најавите за можни санкции.

Трет извор, пак, вели дека САД можеби ќе ги координираат санкциите со Европската Унија. Министрите за надворешни работи на ЕУ на 22 февруари се договорија да воведат санкции за четири руски функционери кои се блиски до претседалот Владимир Путин, чин кој во најголем дел се смета за симболичен одговор на затворањето на Навални.

Во случајот со Навални Трамп, чиј мандат заврши во јануари, не направи ништо за да ја казни Русија.

Експерти за човекови права од Обединетите Нации велат дека Москва е виновна за обидот за убиство на Навални и дека тоа е само дел од нападите кон критичарите кои имаат за цел да го задушат противењето на политиките.

По медицинскиот третман во Германија Навални, кој има 44 години, се врати во Русија во јануари. Беше уапсен и потоа осуден нешто над две и пол години затвор за прекршување на условно ослободување.

Бајден минатиот месец затворањето на Навални го нарече „политички мотивирано“ и повика на негово ослободување.

XS
SM
MD
LG