Руски суд го осуди опозицискиот политичар Алексеј Навални на три ипол години затвор, и покрај осудата од странство и јавните протести дома заради испраќање во затвор еден од највокалните критичари на Кремљ.
Бидејќи претходно опозиционерот минал 10 месеци во куќен притвор за време на претходната фаза на судењето, пресудата значи дека Навални сега ќе помине две години и осум месеци во руска казнена колонија.
Судот нашол дека Навални го прекршил условното пуштање на слобода од претходно суспендираната казна во 2014 со тоа што не го пријавил своето престојувалиште кога бил евакуиран во Берлин за лекарски третман по речиси смртоносниот напад со труење.
„И покрај хуманоста на судот, Навални бил неколку пати од другата страна на законот“, тврдеше обвинителот посочувајќи на прекршувањето на условите за пуштање на слобода. “
Навални инсистира - и меѓународните медиумски истраги сугерираат - дека нападот со труење бил изведен од руски безбедносни сили кои ја загадиле неговата долна облека со нервен агенс за армиска употреба додека опозицискиот лидер патувал во Сибир минатиот август. Руските власти тоа го негираат.
Навални стигнал во Берлин во кома откако претседателот Владимир Путин ја одобрил неговата евакуација по повторителни одлагања - и малата веројатност дека ќе го преживее посегањето по неговиот живот.
„Што друго можев да сторам?“, праша Навални пред судот. „Бев во кома“.
Опозицискиот политичар долго тврдеше дека неговата осуда од 2014 била политички мотивиран напор за негова дисквалификација од кандидатурата за изборна функција под сегашниот руски закон.
Случајот имаше влијание и на личен план: поголем дел од годината тој мина во куќан притвор, додека неговиот брат Олег, отслужи 3,5 години затвор.