Московскиот суд ја потврди деветгодишната затворска казна за опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој веќе е зад решетки поради претходна пресуда што тој и неговите поддржувачи ја нарекоа политички мотивирана.
Навални учествуваше на сослушувањето преку видео врска од затвор во владимирската област. Жестокиот критичар на Кремљ ја искористи својата последна изјава пред Судот за да ги осуди руските власти за започнување на тековната неиспровоцирана инвазија на Украина и ги повтори своите претходни изјави дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.
Навални беше осуден на 22 март, откако Судот го прогласи за виновен за обвиненијата за проневера и непочитување, кои тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани. Навални беше уапсен во јануари лани по неговото пристигнување во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со отров со она што европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс од советски стил.
Потоа му беше изречена затворска казна од две и пол години за прекршување на условите од претходно условно ослободување поради неговото закрепнување во странство.
Првобитната пресуда нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.
Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за неговото труење со хемиска супстанца новичок. Кремљ негираше каква било улога.
Меѓународните организации го сметаат Навални за политички затвореник.