Министрите за одбрана на Европската Унија, на состанокот денес во Брисел, ги повикаа сојузниците на Украина да ги исполнат ветените системи за оружје за да ја поддржат војната на државата против Русија, додека првиот дипломат на Украина ги повика Велика Британија и САД да ги укинат ограничувањата за употребата на оружјето кон цели внатре во Русија.
Министрите за одбрана се состанаа на нивниот прв неформален состанок по летниот одмор и, говорејќи за новинарите пред состанокот, рекоа дека воената помош за Украина останува на врвот на агендата.
Естонскиот министер за одбрана рече дека неодамнешниот упад на Украина во рускиот регион Курск оди во вистинска насока, но додаде дека Украина го прави тоа со едната рака „зад грб“, бидејќи ѝ требаат повеќе системи за оружје, повикувајќи ги колегите да ги исполнат ветувањата.
На тој коментар, холандскиот министер за одбрана рече дека неговата земја е блиску до испорака на ракетни одбранбени системи Патриот што ѝ ги вети на Украина.
Тој рече дека не сака да даде прецизен датум, бидејќи не сака да им даде до знаење на Русите, но рече дека тоа ќе биде наскоро.
Министрите за одбрана кои пристигнаа го споменаа и падот на борбен авион Ф-16 од американско производство.
Воздухопловните сили на Украина вчера соопштија дека се урнал еден од воените авиони Ф-16 што Украина ги добила од нејзините западни партнери.
Шведскиот министер за одбрана рече дека ова се работи што се случуваат за време на војната и дека „не гледа ништо драматично во тоа“.
Украинската војска соопшти дека борбениот авион од американско производство се урнал во понеделникот, кога Русија изврши голем ракетен и беспилотен напад врз Украина.
Авионот се урнал додека одбивал руски воздушен напад. Во инцидентот загинал пилотот.
Тоа беше прва загуба на Ф-16 во Украина откако пристигнаа во земјата на крајот на јули.
На својот профил на социјалните мрежи Телеграф, началникот на воздухопловните сили на Украина, рече дека прелиминарниот извештај за несреќата бил споделен со САД и дека американските партнери помагаат во истрагата.
На брифингот во Пентагон вчера, заменик-портпаролот Сабрина Синг рече дека не знаела за каква било помош или барање за помош од Украинците, но упати на какви било прашања кај Украинците.
Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, исто така, присуствуваше на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел и рече дека ги повикува земјите-членки на ЕУ да извршат притисок врз Велика Британија и САД да се откажат од ограничувањата за користење на донираното оружје со долг дострел против „легитимни“ цели длабоко во Русија.
Велика Британија и САД поставија ограничувања за употребата на донирани ракети со долг дострел од Киев поради страв од ескалација на конфликтот со Русија.
Претходно оваа година, американските власти се согласија да ѝ дозволат на Украина да пука врз цели во Русија како директен одговор на офанзивата на Москва против градот Харков, но оставија во сила други ограничувања.
Во изјавата за новинарите, Кулеба рече дека очекува да се даде дозвола и да се користи испораката на оружје за таа цел.
Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, зборувајќи заедно со Кулеба, ја изрази својата поддршка за укинување на ограничувањата и ги повика членките на ЕУ да извршат притисок врз Британија и САД да го сторат тоа.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров денес треба да се сретне во Пентагон со неговиот американски колега Лојд Остин, каде оваа тема најверојатно ќе биде дел од дискусијата.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат во Украина, при што локалните власти во североисточниот украински град Суми соопштија дека во рускиот напад во петокот загинале две жени и биле ранети уште осум лица.
Канцеларијата на јавниот обвинител на градот соопшти дека воздушниот напад предизвикал пожар, поради што регионалните власти побарале од жителите да останат внатре и да ги затворат прозорците.
Канцеларијата соопшти дека фабриката која била погодена произведувала амбалажа за детска храна, сокови и производи за домаќинството.
Суми се наоѓа веднаш преку границата од руската област Курск, каде што Киев започна офанзива на 6 август, за која рече дека има за цел создавање „тампон зона“ на руска територија, меѓу другите цели.
Некои информации се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес