Украинската војска денес соопшти дека Русија нападнала во текот на ноќта со 74 беспилотни летала и три ракети, при што украинската противвоздушна одбрана соборила 60 од беспилотните летала.
Пресретнувањата се извршени над регионите Черкаси, Днепар, Доњецк, Харков, Херсон, Кировоград, Киев, Полтава и Суми, соопшти војската.
Официјални лица во Киев рекоа дека украинската престолнина се соочила со третата рунда напади со беспилотни летала за четири дена.
Серхи Попко, шеф на градската воена управа, на Телеграм рече дека воздушните тревоги биле во сила речиси шест часа и дека ниту едно од беспилотните летала не ги погодило нивните цели.
Попко пријавил остатоци од соборени беспилотни летала кои удирале во станбени згради во три области во Киев, но тој не пријавил жртви.
Серхи Лисак, гувернер на украинската област Днепар, рече дека воздушната одбрана соборила пет руски беспилотни летала.
Тој рече дека Русија, исто така, го нападнала регионот со артилерија и дека биле оштетени пошта, катедрала и далноводи.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, пред состанокот на министрите за надворешни работи на Еверопската Унија (ЕУ) денес, изјави за новинарите во Брисел дека Украина бара од сојузниците кои обезбедуваат оружје за Украина да дозволат украинските сили да го користат оружјето за да напаѓаат „легитимни воени цели“ внатре во Русија.
Кулеба рече дека главната цел на Украина е да може да ги нападне аеродромите што Русија ги користи за лансирање бомбардери за напади врз украинските сили и инфраструктура.
„Доколку ни биде снабдено доволна количина ракети, ако ни биде дозволено да напаѓаме, значително ќе го намалиме капацитетот на Русија да нанесува штета на нашата критична инфраструктура и ќе ја подобриме ситуацијата за нашите сили на теренот“, рече Кулеба.
Кулеба, исто така, се залага за сојузниците да го скратат јазот помеѓу кога ветуваат воена помош и кога таа помош се доставува до украинските сили, велејќи дека понекогаш чекањето е „претерано долго“.
Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, изјави за новинарите дека ќе ги натера земји-членките да ги исполнат своите обврски и да се обидат да ја зголемат поддршката за Украина.
„Јасно е дека украинските сили добро опремени можат да го променат текот на војната, не само да се бранат, туку и да ја потиснат инвазијата“, рече Борел.
Руското министерство за одбрана денес објави дека собориле шест украински беспилотни летала, при што биле пресретнати во регионите Белгород и Брјанск и полуостровот Крим окупиран од Русија.
Министерството, исто така, рече дека спречило обид за напад со морски беспилотни летала кои биле насочени кон Крим.
Одредени информации во текстот се од Ројтерс