Линкови за пристапност

Русија погоди енергетска инфраструктура при воздушни напади на Украина


Последици од напад со руски дрон во регионот Тернопил
Последици од напад со руски дрон во регионот Тернопил

Русија ја погоди енергетската инфраструктура во северна Украина во напад со проектили и беспилотни летала во текот на ноќта и предизвика огромен пожар на западот од земјата, што резултираше со зголемување на нивото на хлор во воздухот, соопштија денес украинските власти.

Украинските сили соборија три балистички ракети и 25 од 26-те беспилотни летала лансирани во нападот на девет региони низ земјата, изјави командантот на украинските воздухопловни сили.

Регионалните власти во североисточниот регион Суми, кој се граничи со Русија, соопштија дека бил погоден енергетски објект, предизвикувајќи прекин на струја во 72 населени места и повеќе од 18.500 потрошувачи.

Енергетските работници побрзаа да ја санираат штетата, соопшти регионалната администрација на апликацијата за пораки Телеграм.

Украинските енергетски капацитети беа под речиси секојдневно бомбардирање во текот на изминатите шест месеци, како што војната продолжува по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

Украина купува струја од соседите во Европската Унија, но не доволно за да го надополни дефицитот.

Редовно се најавуваат прекини на струјата за време на шпицот на вечерните часови. Индустриски објект бил нападнат во западниот регион Тернопил за време на најновите бомбардирања, а бил погоден и резервоар за гориво, соопштија властите.

Украинската телевизија прикажа огромни колони црн чад како се издигнуваат над Тернопил.

Горивото и материјалите за подмачкување го зголемија нивото на хлор во воздухот, рече заменик-шефот на регионалната администрација во Тернопил, Виктор Устенко.

Властите ги повикаа луѓето да останат дома.

Повеќе од 90 пожарникари беа вклучени во напорите за гасење на пожарот, додаде Устенко.

„Ситуацијата е целосно под контрола“, рече тој.

Нападот врз Киев беше одбиен без поголеми штети или жртви, соопштија градските власти.

Нема моментален коментар од Москва за нападите денес.

Двете страни велат дека целат објекти клучни за воената, а не цивилната инфраструктура, но многу цивили се убиени во војната.

Москва ги продолжи воздушните напади откако украинските сили почнаа со упад во руската област Курск на 6 август, а руските сили постепено напредуваат во делови од источна Украина.

XS
SM
MD
LG