Линкови за пристапност

Украински дрон погоди руска воена локација во Волгоград


Чад се крева од воен објект по напад со беспилотно летало во регионот Волгоград, Русија, 22 август 2024 година на оваа слика преземена од видео на социјалните мрежи
Чад се крева од воен објект по напад со беспилотно летало во регионот Волгоград, Русија, 22 август 2024 година на оваа слика преземена од видео на социјалните мрежи

Официјални лица во областа Волгоград во јужна Русија денес изјавија дека украинско беспилотно летало удрило во воен објект и предизвикало пожар.

Регионалниот гувернер Андреј Бочаров на Телеграм изјави дека нападот се случил во областа Мариновка и дека нема повредени.

Во областа се наоѓа руска воздухопловна база.

Руското министерство за одбрана денес соопшти дека украинските сили нападнале во текот на ноќта со вкупно 28 беспилотни летала, од кои 13 биле насочени кон Волгоград. Цел биле и регионите Ростов, Белгород, Воронеж, Брјанск и Курск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека ги посетил пограничните области во украинскиот регион Суми и се сретнал со воени претставници.

Зеленски рече дека украинските сили зазеле уште една населба во рускиот регион Курск, преку границата од Суми, каде што украинските сили започнаа офанзива претходно овој месец.

Офанзивата е редок потег на Украина, која со месеци се потпираше на беспилотни летала за да тргне по цели во руските погранични региони.

Целите често вклучуваат руски воени локации кои се користат за насочување на напади со беспилотни летала и ракетни напади против Украина.

Украинската војска денес соопшти дека соборила две руски беспилотни летала во текот на ноќта откако Русија изврши воздушен напад од Курск.

Алексеј Смирнов, регионалниот гувернер на Курск, денес рече дека властите поставуваат бетонски засолништа за воздушни напади во регионалниот главен град.

Во руската област Брјанск, која граничи со Курск, официјални лица рекоа дека руските сили спречиле обид на украинските борци да ја преминат границата вчера.

Руската безбедносна служба денес соопшти дека отворила кривични случаи против неколку новинари, обвинувајќи ги за илегално преминување на границата за да известуваат за украинскиот упад во Курск.

Руската безбедносна служба го именуваше дописникот на Си-Ен-Ен Ник Патон Волш меѓу оние кои известуваа од Суџа, заедно со двајца украински новинари.

Некои информации во текстот се од агенцијата Франс-прес и Ројтерс

Поврзано

XS
SM
MD
LG