Гувернерот на руската област Белгород прогласи вонредна состојба денес по бомбардирањето на регионот од страна на Украина.
„Ситуацијата во регионот на Белгород продолжува да биде исклучително тешка и напната“, рече Вјачеслав Гладков во видеото објавено на апликацијата за пораки Телеграм.
„Куќите се уништени. Цивилите загинаа и беа повредени“.
Тој додаде дека „ќе биде воведена вонредна состојба на регионално ниво, по што ќе следи барање до владината комисија да прогласи сојузна вонредна состојба“.
Во соседниот регион Курск, украинските сили во вторникот контролираа 74 населени места, изјави украинскиот претседател.
„Стотици руски војници веќе се предадоа и сите ќе добијат хуман третман - таков третман не доживеаја ниту во сопствената руска армија“, рече Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање.
„Уште еднаш докажавме дека ние, Украинците, сме способни да ги постигнеме нашите цели во секоја ситуација – способни да ги браниме нашите интереси и нашата независност“.
Ова е најновиот развој на прекуграничниот напад на Украина врз Курск, кој започна пред една недела, ненадејна операција што ја фати Русија неспремна.
Ројтерс јавува дека украинските сили продолжуваат да напредуваат во Курск и дека во последните 24 часа напредувале од еден до три километри.
Тој извештај не се совпаѓа со онаа на рускиот генерал-мајор Апти Алаудинов, кој рече дека украинските трупи биле запрени како и нападите врз селата на 26-28 километри од границата.
Запрашан вчера за акцијата на Украина, американскиот претседател Џо Бајден рече дека бил информиран на секои четири до пет часа во последните шест до осум дена за акцијата на Украина.
„Тоа создава вистинска дилема за Путин“, рече тој за операцијата, која се чини дека ги изненади Русите.