САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса, следната недела во Вашингтон.
„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, рече Бјуланд.
Тој кажа и дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.
Бјуланд не` упати во Стејт департментот за коментари за конкретни политички прашања, како за обновениот спор меѓу Грција и Северна Македонија, откако македонските премиер и претседателка рекоа дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, но оти ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.
Гласот на Америка на македонски на 19 јуни го праша Стејт департментот дали Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.
Од прес-службата тогаш ни одговорија:
„Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“.
Оттаму кажаа дека „САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.
Интервјуто е уредувано заради концизност и јасност.
Глас на Америка: Според вас, дали е сериозно лидер на НАТО држава да избегнува да го користи официјалното име на државата?
Бјуланд: Ќе морам да ве упатам за некои од пошироките политички прашања и дипломатски прашања во Стејт департментот на САД. Но, ќе кажам дека САД се силен поборник и поддржувач на Договорот од Преспа и дека секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во регионот.
Глас на Америка: Грција кажа дека ќе ја блокира Северна Македонија кон ЕУ доколку новото лидерство не го почитува Договорот од Преспа. За какви последици конкретно сте загрижени ако се случи тоа?
Бјуланд: Повторно, ќе ве упатам во Стејт департмент за коментари, особено за билатералните, дипломатски спорови. Но, би се надевале дека тие ќе останат надвор од Алијансата и дека регионалната соработка ќе продолжи, особено кога и регионот и поширокиот свет се во толку опасно и критично време сега. Со нетрпение очекуваме да бидеме домаќини на 32. земји сојузници овде следната недела за Самитот на НАТО, и веруваме дека овој Самит ќе биде демонстрација на солидарност, посветеност на колективната одбрана и соработка меѓу сите наши сојузници.
Глас на Америка: Грција нема исполнето нејзини обврски од Договорот од Преспа. Верувам дека меѓународната заедница досега не ја повика Грција да го заврши својот дел. Дали мислите дека различниот пристап е опасен, ако се земе предвид евроскептицизмот во Северна Македонија и Балканот, каде е видлива проруска наклонетост?
Бјуланд: Членството во ЕУ секако е одлука на Европската Унија и нејзините земји-членки. Сепак, САД отсекогаш биле силен поборник за евроатлантските интеграции на Западен Балкан. Ние продолжуваме да ги охрабруваме земјите да ги направат потребните реформи на тој пат и да се придржуваат до меѓународните договори. Мислам дека кога постои нетрпеливост за тоа што може да биде долг процес на интеграција, тоа може да создаде можности за разочарување, и Русија и другите малигни актери да шират дезинформации и да го искористат незадоволството на народот. Значи, постои ризик дотолку повеќе што би ги охрабриле земјите да направат се` што можат за да продолжат по овој пат на евроатлантските интеграции на регионот.
Глас на Америка: Во отсуството на механизам за протерување за членките на НАТО, какви дејствa Алијансата може да преземе против земјите кои не ги почитуваат меѓународните или билатералните договори? На пример, доколку Северна Македонија или Грција отстапат од Договорот од Преспа, со какви последици би можеле да се соочат?
Бјуланд: НАТО е најуспешната и најсилната безбедносна алијанса во светот, во која членките се обврзаа на колективна одбрана ако се активира членот 5 доколку една од нив е нападната. Така, нашиот фокус навистина останува на солидарноста и единството на Алијансата. Ако има проблеми, билатерални проблеми или договори кои се надвор од контекстот на Алијансата, САД, се разбира, би поддржале дипломатија за надминување и решавање на тие разлики, но, внатре во Алијансата, ние ќе останеме фокусирани на основните задачи за одбрана и одвраќање за сите наши сојузници.
Глас на Америка: Ве прашувам ова затоа што грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кажа дека планира на Самитот на НАТО да го покрене овој проблем, и дека македонските лидери би имале проблем во НАТО и во ЕУ ако не го почитуваат Договорот од Преспа.
Бјуланд: За политички проблем како овој и особено билатерален, повторно, би ве упатил на нашите колеги од Стејт департментот на САД, кои ја предводат нашата дипломатија. Од гледна точка на Одделот за одбрана, силно го поддржуваме Договорот од Преспа. И ние силно го поддржуваме членството во НАТО и придонесите на Северна Македонија и Грција, и ќе продолжиме да правиме се` што можеме за да ги зајакнеме тие врски во Алијансата и да продолжиме да го правиме овој најуспешен и најсилен сојуз во историјата на светот.
Глас на Америка: Во однос на ветото на Бугарија - дали е фер да се каже дека ЕУ и Западот ризикуваат потенцијална регионална нестабилност дозволувајќи ги бугарските услови?
Бјуланд: Повторно ќе ве упатам на Стејт департментот за конкретни политички и дипломатски прашања, и на Европската Унија за активностите и одлуките кои ќе ги донесе во своето тело. Но, од гледна точка на Одделот за одбрана, ние ја промовираме регионалната стабилност, ја промовираме соработката меѓу сите наши сојузници, Грција, Бугарија, Северна Македонија и сите балкански држави.
Глас на Америка: Според вас, дали тоа што земјите од Западен Балкан чекаат толку долго време за влез во ЕУ е ризик за поширок безбедносен проблем?
Бјуланд: Мислам дека секое несогласување што постои и продолжува долго време, може да создаде можности за надворешни актери и малигни актери да го искористат, поради што ќе поддржам секоја дипломатија што е потребна за да се решат ваквите несогласувања. И нашиот фокус, повторно, е на единство, солидарност и зајакнување на колективната одбрана и одвраќање на НАТО и нивната поддршка за Украина.
Глас на Америка: Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата година предупреди дека Русија потенцијално може да предизвика „нови кризи“ на Балканот. Дали сте загрижени за ескалација на тензии во регионот?
Бјуланд: Ние посветуваме многу големо внимание на Западен Балкан и имаме силни партнерства таму и сојузи со држави, како Северна Македонија, кои се НАТО сојузници. САД и конкретно Одделот за одбрана остануваат посветени на безбедноста и стабилноста и евроатлантската интеграција во институциите, како НАТО и Европската Унија, за државите од Западен Балкан кои не го завршиле тој пат. Така, ние, исто така, продолжуваме да придонесуваме за мисијата на НАТО - КФОР во Косово и ѝ благодариме на Северна Македонија за нејзиниот придонес во КФОР за одржување на стабилноста на Косово. Исто така ѝ благодариме на Северна Македонија за нејзиниот придонес во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и посветуваме големо внимание на реториката и акциите што ги видовме во земји, како Босна и Херцеговина, од Србија и Косово.
Глас на Америка: Имате ли причини да се сомневате дека новата Влада ќе продолжи да ја поддржува Украина? Има медиумски извештаи за министер со отворена проруска позиција.
Бјуланд: Ќе останеме во близок дијалог со новата Влада на Северна Македонија. Со нетрпение очекуваме да работиме одблизу со нив и да бидеме домаќини на клучните лидери овде следната недела за Самитот на НАТО, и очекуваме дека Самитот ќе покаже поддршка, не само за Северна Македонија, туку и за сите сојузници, за континуирано зајакнување на колективното одвраќање и одбрана за НАТО, и континуирана поддршка за Украина против бруталната војна на агресија што Русија ѝ ја нанесе. Мислам дека сме многу охрабрени од учеството на претседателката на Северна Македонија на минатомесечниот мировен самит за Украина, чиј домаќин беше Швајцарија. И ги забележуваме и ги поддржуваме пораките за поддршка за Украина и желбата за праведен мир во регионот што дојде од вашата претседателка и од многу други лидери на тој самит.
Глас на Америка: Администрацијата на Бајден рече дека корупцијата е закана за националната безбедност во САД и во целиот свет. Северна Македонија е земја со високо ниво на корупција. САД потрошија милиони долари за да ѝ помогнат на земјата да се бори со ова прашање. Може ли постојаната корупција во Северна Македонија да ја загрози нејзината национална безбедност?
Бјуланд: Мислам дека нашиот претседател и администрациите на претходните претседатели беа јасни дека корупцијата навистина претставува закана за националната безбедност и закана што создава можности за малигните актери да ја искористат. Исто така, може да го уназади напредокот на земјата на патот на интеграцијата во ЕУ и во други меѓународни организации. Мислам дека другите агенции и оддели на американската Влада би ги предводеле антикорупциските и реформските мерки, но од аспект на Одделот за одбрана, фокус на соработката со министерствата на нашите партнери се реформите, особено на одбранбените институции, набавките за одбрана во помагањето на земјите да градат процеси и институции, да обучуваат луѓе и да поттикнат доверба, за да се осигура дека барем од одбранбена и безбедносна гледна точка, нема простор за ваков вид на корупција. Значи, тоа е нашиот фокус овде и област во која соработуваме со земјите од целиот регион и од целиот свет.
Глас на Америка: Дали работите со Северна Македонија на корупцијата?
Бјуланд: Нашата билатерална одбранбена соработка со Северна Македонија е многу широка, а одбранбените реформи и континуираната модернизација на нејзините одбранбени институции се елемент на тоа.
Глас на Америка: Вашингтон е домаќин на Самитот на НАТО следната недела. Што би сакале да видите од лидерите на Северна Македонија за време на разговорите?
Бјуланд: Со нетрпение очекуваме лидерството на Северна Македонија да ни се придружи следната недела. За Северна Македонија, мислам да продолжи да игра водечка улога во унапредувањето на регионалната стабилност на Западен Балкан. Морам да искажам благодарност на Министерството за одбрана за придонесот на Северна Македонија во мировната мисијата на НАТО-КФОР во Косово, во мисиите на ЕУ во Босна и Херцеговина, која помогна да се промовира стабилноста во таа земја. Го цениме придонесот на Северна Македонија за Украина. Дури и од земја која не е голема, таа безбедносна помош е клучна за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од бруталната и неиспровоцирана руска агресија во оваа војна која убива илјадници цивили во Украина. Затоа, со нетрпение очекувам Северна Македонија да се приклучи со другите сојузници на НАТО овде следната недела и повторно да прославиме 75 години од најсилниот, најуспешниот сојуз во историјата на светот, кој работи на зајакнување на нашето колективно одвраќање и одбрана. И ова е толку критичен момент и ова е навистина заложба што нашата земја, нашите граѓани ја презедоа кон Северна Македонија и кон граѓаните на 30 други држави, да застанат едни со други и да се поддржуваат ако има конфликт внатре во НАТО од надворешен извор. И со нетрпение очекуваме да ја унапредиме и подготвиме Алијансата за заканите со кои може да се соочи во иднина, од справување со тероризмот, до предизвиците со климатските промени. И очекувам дека следната недела ќе видиме силни изјави и исклучително моќни и историски одлуки од 32 лидери на сојузници, вклучително и на Северна Македонија за унапредување на сите овие цели.
Глас на Америка: Постојат ли вакви закани за Западен Балкан во моментов?
Бјуланд: Ние посветуваме многу големо внимание на Западен Балкан и потенцијална нестабилност и криза што може да произлезе од акции и реторика на места како Косово, Србија или Босна и Херцеговина. Обрнуваме внимание на можностите за малигни влијанија и актери надвор од регионот, како Русија или Народна Република Кина, да ги искористат тензиите или незадоволството на народот. И, исто така, секогаш сме будни против други закани, како насилни екстремисти и други актери. Значи ништо конкретно, но, ова е област во која остануваме во дијалог со владите, како на Северна Македонија, и набљудуваме многу внимателно.
Facebook Forum