Навистина ни требате во Европската Унија, ѝ рече заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар на Северна Македонија, за време на приемот во македонската амбасада во Вашингтон во петокот, по повод 32 години независност и одбележување на Денот на Армијата.
„Од наша перспектива, навистина ни треба Северна Македонија во Европската Унија. Ние лобиравме за вас во НАТО и како што станавте дел од НАТО, станавте лидер. Америка не ви кажува, не им кажува на луѓето кого да поддржат, ние само велиме дека навистина ни требате. И ние навистина ве сакаме во Европската Унија“, рече Ескобар.
Тој истакна дека изминативе неколку децении САД и Северна Македонија изградиле „нераскинлив однос на пријателство, соработка и сојуз“.
„Можам да кажам дека Северна Македонија денес е една од најсилните кои придонесуваат за регионалната и европската стабилност. И можете да сметате на американската поддршка во вашите аспирации“, рече тој.
На приемот во амбасадата зборуваше и заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер, кој рече дека САД ќе продолжат да наоѓаат начини за зајакнување и продлабочување на партнерство со Северна Македонија во однос на одбранбените прашања.
„Сега, мислам дека сите можеме со сигурност да кажеме дека алијансата е посилна, поголема и подобра од кога било, во голема мера, благодарение на вашето лидерство во регионот“, рече Бојер.
Тој нагласи дека безбедноста на Западен Балкан е еден од главните приоритети на САД.
„Имаме заеднички интереси, заеднички вредности кои ќе продолжат да не` водат да се стремиме кон Европа која е слободна, цела и во мир“.
Бојер особено се заблагодари за „солидарноста и поддршката во Северна Македонија за одбраната на Украина од руската агресија. Неиспровоцираната неправедна војна на Русија против Украина очигледно беше предизвик за вашата евроатлантска безбедност на начин што не сме го виделе со децении“.
Амбасадорот Зоран Попов се заблагодари за американската поддршка на патот кон Европската Унија, и кажа дека државата плаќа огромна цена за да обезбеди место во ЕУ како ниедна друга држава во регионот, ниту која било друга земја-членка.
„Помалку Европа на Балканот значи повеќе Кина и Русија. Друга иднина нема. Нема план Б за Западен Балкан, освен интеграција во евроатлантските структури“, рече амбасадорот Попов.
На приемот, беше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли, поранешни одбранбени аташеа, претставници на американската амбасада во Скопје и Канцеларијата за одбранбена соработка со САД, членови на дијаспората и други.
Независноста претходно ја честиташе и државниот секретар на САД Ентони Блинкен, кој рече „стоиме со вас во напорите да го промовирате владеењето на правото“.
„САД ја поддржуваат Северна Македонија во реформите за интегрирање во ЕУ и создавање односи, посилни од кога било, со соседните европски земји. Северна Македонија направи големи чекори за да обезбеди просперитет на сите нејзини граѓани додека се соочува со глобалните предизвици, а ние стоиме со вас во вашите напори да го промовирате владеењето на правото. Со нетрпение очекуваме да го зајакнеме нашето партнерство со Северна Македонија и да ги унапредиме нашите заеднички демократски вредности во годините што доаѓаат“, рече Блинкен за 8 Септември.
Facebook Forum