Линкови за пристапност

Војната во Украина ја нагласува итноста Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, велат САД


Санкциите објавени во четвртокот беа насочени токму кон поврзаноста меѓу руското малигно влијание и корупцијата, кои ги попречуваат напорите на регионот да напредува кон членство во ЕУ, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски
Санкциите објавени во четвртокот беа насочени токму кон поврзаноста меѓу руското малигно влијание и корупцијата, кои ги попречуваат напорите на регионот да напредува кон членство во ЕУ, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски

Руската војна против Украина ја нагласува итноста и важноста на нашата работа да им помогнеме на земјите од Западен Балкан да ги постигнат своите аспирации за европска интеграција и членство во евроатлантските институции, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на барањето да ја искоментираат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија потенцијално може да предизвика нови кризи на Балканот.

Зеленски минатата недела предупреди дека Русија би можела да се подготвува да предизвика криза во балканскиот регион за да го оттргне вниманието од тековната војна во Украина.

„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“, се вели во изјавата на Стејт департментот.

САД минатата недела воведоа санкции за физички лица и 12 субјекти во Западен Балкан, меѓу кои и во Северна Македонија, заради корупција, малигни активности и руско влијание во регионот.

Санкционирани во Северна Македонија беа Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко, Ратка Камчева, како и „Бет Сити Интернешнл“, „Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ“, „Орка Фајненс Скопје ДООЕЛ“, „Орка Холдинг АД“ и „Систина Лајф Кеар Сентар“.

„Санкциите објавени од Стејт департментот и Одделот за финансии во четвртокот беа насочени токму кон овој проблем, поврзаноста меѓу руското малигно влијание и корупцијата. И двете ги попречуваат напорите на регионот да напредува кон членство во ЕУ и попросперитетна иднина“, стои во изјавата.

Во неа се додава дека „земјите од Западен Балкан, како и сите земји во Европа, имаат длабок влог во исходот на руската војна против Украина, која ги загрозува темелите на воспоставениот меѓународен поредок и безбедност. Затоа е критично да продолжиме да стоиме заедно против руската агресија“.

Потсекретарот на Одделот за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон, рече дека Русија продолжува да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации.

„Денешната акција ги потврдува пошироките напори на владата на САД за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан“, изјави Нелсон при објавување на најновите санкции за лица и фирми на Западен Балкан минатиот четврток.

Портпаролот за надворешна политика и безбедност на ЕУ Петер Стано, во петокот изјави дека Европската Унија ја споделува загриженоста на Зеленски за руското негативно влијание на Западен Балкан.

„Долго време зборувавме дека Русија прави напори да изврши малигно влијание и во регионот на Западен Балкан. Во овој момент се согласуваме со претседателот на Украина и знаеме дека Русија прави се’ што може за да сее незадоволство, политичка нестабилност, странско влијание, манипулација со информации и другo. Затоа, поради оваа причина, ЕУ има зголемена помош за партнерите во земјите од Западен Балкан за соочување со овие закани“, рече тој на прес-конференцијата во Брисел.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија нема планови да го нападне остатокот од Европа. Тој ги отфрли шпекулациите дека Русија следно може да нападне други земји во Источна Европа.

„Ова е целосна глупост - можноста за напад врз некои други земји, врз Полска, балтичките земји, Чесите се исплашени. Тоа е само глупост“, рече тој на состанокот со воените пилоти северозападно од Москва.

Во транскриптот од разговорот, кој беше објавен од Кремљ и од државните медиуми, се додава дека Русија „нема агресивни намери кон овие држави“.

Поврзано

XS
SM
MD
LG